речник контакт

Градоначалникот Колев најави дека започнуваат градежни активности од левата страна на градот, која 20 години била заборавена

Што е предвидено да се работи во наредниот период?

Петар Печков

Градоначалникот на Општина Велес  Марко Колев, на прес конференција, одржана близу Градскиот пазар, и во присуство на партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски,  ги најави следните инфраструктурни работи кои локалните власти ќе ги организираат во наредниот период.

“Најавив дека левата страна на градот ќе го добие заслужениот третман. После 20 години, се вложуваат значајни финансиски средства во патната инфраструктура. Општината со сопствени средства во висина помеѓу 30 до 35 милиони денари, ќе се подобрува патната инфраструктура.  Се работи на темелна реконструкција, отстранување на постојниот асфалт, отстранување на рабниците, нови тротоари, два слоја асфалт на улиците  Петре Прличко, Нада Бутникошарова, Кресненско востание. Работите треба да завршат за четири месеци. Улицата Киро Рогужаров ќе има интервенција со бетонирање,  улицата Ѓорги Димитров  е една од најоштетените улици и ќе добие бетон во должина од 280 метри, зошто не може друг материјал да се постави. Деновиве завршуваме со улица бетонирање на Јордан Џурнов и тоа што го најавивме дека Костурница и Прцорек ќе бидат споени со улиците Ганчо Хаџи Панзов и Орце Шутев за овие улици имаме избрано и изведувач, надзор, целата документација е подготвена и очекуваме наредниот период да се интензивираат градежните активности“ - кажа градоначалникот Колев.

Тој посочи и други делови од градот, каде ќе се одвиваат градежни активности.

„После невремето се санира оштетувањето на улицата Орце Мартинов која ќе добие два слоја асфалт. Деновиве треба да почне таму асфалтирањето.  Може да се забележи дека помеѓу Стариот мост и Саат кулата се работи тротоарот,  ќе има нов асфалт. Исто така работиме на бетонирање на една улица во Бузалково, деновиве треба да почнеме и една голема улица под школото во Сливник, работиме една улица и во Караслари, завршивме и една улица во Башино село и во Раштани“ - дополни Колев.

Градоначалникот најави дека ќе вложи напори да се обезбедат средства,  наредна година да продолжи изградбата на кејот уште за  нови 200 метри. И тоа  помеѓу Новиот мост и Стариот мост, од страната каде сега се гради кејот, од десната страна. Како и тоа дека наредната седмица треба да се изврши технички прием на покриениот пазар, долниот дел, по што ќе нема пречка тој да биде даден во функција.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »