речник контакт

Градскиот Саат повторно чука

Седум дена велешани не го слушаа биењето од Саат кулата, која им го означуваше точното време, бидејќи се поправаше на механизмот

Петар Печков

Велешкиот градски часовник една седмица не работеше, бидејќи се  поправаше на механизмот. Седум дена велешани не го слушаа биењето од Саат кулата, која им го означуваше точното време. Но потребата од санација и обнова на повеќе од еден век стариот механизам, беше причина десетина дена Саатот, како што велешани милуваат да го нарекуваат, да не работи. Дваесет години него го одржува Ѓоре Саздовски, кој доаѓа на секои 24 часа, за да го навие и провери каква е неговата состојба.

Секоја година се прави ремонт, но овој пат излезе дека треба поголема работа, па Саатот нема да работи десетина дена. Со годините  и староста се изабиле металните плочки, зупчаниците, кои треба да се сменат, да се најдат нови квалитетни, така што овогодишната поправка е една од поголемите од кога јас го одржувам од 1990-та. Механизмот е стар 120 години од германско производство е и разбирливо е што бара повеќе грижа и внимание – вели Саздовски.

Тој за овој период комплетно го растури механизмот за навивање и дел по дел, стотината парчиња внимателно ги поправи, некои ги смени се со цел, Градскиот Саат да работи точно и без застој. Вториот механизам е камбанаријата што го отчукува точното време, ѕвоното  е старо повеќе од стотина години, тешко стотина килограми исто е од Германија, заменето е не е оригиналот од 1735 година.

Сатот  е доста точен , може да избега две минути на 24 часа, што за вакво стар и голем механизам не е многу. Затоа доаѓам секој ден за да го дотокмам, курдисам,  да биде на време и велешани да го знаат точното време. Тој чука два пати во текот на еден час, еднаш на точно цел час и три минути претходно. Механизмот подлежи на временските услови високи или ниски температури, на топло – ладно, и затоа е потребно секој ден да доаѓам и го навивам – вели Саздовски, кој е третиот одржувач на Саатот.

Работата Ѓоре ја научил од неговиот дедо,  татко на неговата сопруга Ристо Зинзиров.  Кога тој починал во негова чест направена е отстапка, па Градскиот Саат чукал цели петнаесетина минути додека поворката со Ристо  минувала покрај него, и кога тој подоцна бил погребан на градските гробишта. Така Саатот се простил од неговиот претходен  одржувач. Пред него во времето на Втората светска воја Саатот го одржувал пушкарот Онче Бунев. 

Од Градскиот Саат, со својата височина од 25 метри пука одличен поглед на стариот дел на градот, пазарот, пругата Скопје - Солун. Изграден е на стратешки значајно место, одлично се гледа Мало мовче, врската на велешани од двата дела на градот. Градскиот саат како војник ги чува и од високо ги гледа познатите седум велешки маала Мегдан, Којник, Прцорек, Сармаале, Соколаана, Бузаана, Јурија, дел од велешката историја,

Токму поради тоа бил и изграден во 17-тиот век, бидејќи неговата  првобитната намена била за стражарска кула во близина на Мало мовче, за што сведочат и трите отвори пушкарници. Од нив  може да се гледа  и контролира движењето на народот во градот, а од него има одличен поглед на сите седум маала. Градскиот саат не е отворен за посети, бидејќи стрмните  и тесни дрвени скали , не се безбедни за евентуалните гости, па така Ѓоре ја има единствената привилегија да може да го гледа Велес од Саат кулата.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »