речник контакт

Градскиот стадион го бараат и локалната власт и Општинскиот фудбалски сојуз

Градскиот стадион во Велес иако во лоша состојба, го бараат и локалната власт и Општинскиот фудбалски сојуз, едните-градот да биде во нивна сопственост, другите ОФС да стопанисуваат со него.

Петар Печков

Градскиот стадион во Велес иако во лоша состојба, го бараат и локалната власт и Општинскиот фудбалски сојуз, едните-градот да биде во нивна сопственост, другите ОФС да стопанисуваат со него. Стадионот пак запустен и уништен, во очајна состојба, теренот оштетен и тврд, со малку посетители но многу корисници. Дел од заштитниот ѕид е опасност по гледачите, бидејќи се руши. Стадионот го одржува ФК Борец, кој едвај крпи за да не згасне, така што можности за негово обновување нема.

- Во следната фаза од децентрализацијата очекуваме да ни го дадат и стадионот во наша сопственост. Како гест на добра волја, како локална власт, го исчистивме од сметот и ја окосивме тревата со која трибините беа обраснати, за да можат да отпочнат фудбалските натпревари од понизок ранг – изјави Аце Коцевски градоначалник на Велес.

Тој потсетува дека сите спортски објекти, салата „25 мај“ ДТВ Партизан, Градскиот базен  преминаа во сопственост на градот и со нив успешно  стопанисуваат. Како резултат на состојбата во која е Градски, дел од ѕидот кој го обиколува е срушен и е потенцијална опасност по минувачите, поради што градежната инспекција издаде наредба за негово рушење но и за да можат да се играат средбите од велешките екипи кои се натпреваруваат во III –та лига. Објектот го бара да стопанисува со него и Општинскиот Фудбалски сојуз на Велес. Тие најавуваат дека имаат визија како успешно да работат со него.

-  Градскиот стадион го користат седум екипи за тренирање и уште неколку стотина граѓани кои џогираат по тартан патеката. Но за се ова нема ред, сите се однесуваат како стопани а никој не плаќа. Затоа од Агенцијата за млади и спорт и ЈП за Стопанисување со спортски објекти, како нејзин сопственик, побаравме да ни го даде на управување. Државата како нејзин сопственик овој објект го заборави – изјави Кире Јачев, претседател на ОФС Велес.

Градскиот стадион пред десетина години беше предаден на употреба на МХК Злетово, но откако комбинатот отиде во стечај, нема повеќе кој да се грижи за него што придонесе тој да се руинира и уништува. Тартан патеката поставена далечната 1978 година, тогаш прва во Македонија, сега е со големи оштетување, дупки на неа поради што малку ја коистат и атлетичарите. Во неколку наврати од силниот ветер паднаа три тополи, но среќна околност е што тогаш никој не беше повреден од присутните на стадионот, било да се гледачи или спортисти. Ако до пред 10 години на стадионот имаше и по 3-4 илјади гледачи за прволигашки средби, сега едвај по 50-тина најоптимисти доаѓаат да го посетат и ги следат ниско рангираните фудбалските натпревари.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »