речник контакт

Гран при на Фестивалот на античка драма „Стоби“за претставата „Одисеј“ на Драмскиот театар од Пловдив Бугарија (фото видео)

Актерски награди ги добија Јелена Ѓукиќ како Клитемнестра и Ѓорѓе Татиќ како Агамемнон кои настапија во претставата „Ифигинеја“ копродукција на театрите од Колашин и Бијело Поље од Црна Гора

Петар Печков

Претставата „Одисеј“ според Хомер, на Драмскиот театар до Пловдив Бугарија доби Гран при на Фестивалот на античка драма „Стоби“ како и наградата за режија за Дијана Добрева. Актерски награди ги добија  Јелена Ѓукиќ како Клитемнестра и Ѓорѓе Татиќ како Агамемнон кои настапија во претставата „Ифигинеја“ копродукција на театрите од Колашин и  Бијело Поље од Црна Гора.

Ова се одлуки на жирито во состав Ѓорѓи Јолевски, Билјана Драгичевиќ Пројковска актери и режисерот Дејан Дамјановски, кои ги донеле едногласно.

„Благодарам на жирито за наградите и на приемот од публиката. Вечерта кога ја одигравме претставата ми ја потврди моја мисла, дека една од најголемите цели на театарот е да ги обединува луѓето. Тоа што во Велес го доживеавме беше момент на многу љубов и на многу радост“ - кажа Добрева. Во претставата настапува бројна актерска и танчарска екипа и ја воодушеви велешката публика.  

Добрева ја има работено претставата  „Магбет“ на Албанскиот театар од Скопје а на Фестивалот „Скупи“ има гостувано со „Слугинки“ од Жане.

„Имавме можност на ова издание на фестивалот, да видиме прекрасни претстави, честитки за селекторот, кој направи исклучителен избор и не внесе во прекрасен театар свет.  Тој наголемо задоволство на публика одекна со позитивна и убава енергија. Претставата „Одисеј“ која доби Гран при е голем спектакл со учество на 70 актери и  во една неверојатна фантазмагорија го пренесе патувањето на Одисеј “ - кажа Јолевски, член на жирито.

Оваа претстава премиерно беше изведена во 2019-та година и беше дел до содржините на Пловдив Европски град на културата.

Во официјална конкуренција на фестивалот беа пет претстави, сите од странство и се одиграа на сцената на велешки театар, бидејќи античкиот во локалитетот Стоби се обновува. Одамна се нема случено, сите наградени да бидат присутни во Велес и ги примат наградите лично.

Во чест на наградените беше изведен балетот „Госпоѓиците од Авињон„ на Македонската опера и балет. Во придружната програма има 20 други настани, престави, промоции, изложби, дел од содржините годинашното издание на фестивалот „Стоби“.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »