речник контакт

Гробиштата на црквата Св.Спас опасно место за посета

Гробиштата од црквата Св. Спас во Велес наместо место за духовен мир и спокој е место опасно по живот за посетителите. Крадците работеле и на Божик, кога ја ограбиле црквата „Св. Спас“.

Петар Печков

Тука се регистрирани најгруби напади врз велешани кои дошле да им оддадат почит на нивните најблиски. Украдени, ограбени, физички нападнати им се случува  на граѓаните, од мала група лица кои живеат во околината на црквата. Полицијата работи на случаите и вели дека сторителите на  делата се откриени. Црквата пак  бара зајакната контрола.

Признавам дека ме страв да доаѓам на оваа црква. Кога ќе слушнете дека без повод нападнале и ограбиле некого, кој бил на гробишта, не е сеедно. Затоа кога доаѓам на гробот од мојот сопруг идам со друштво, дали децата, дали внуците, да не бидам сама. И тоа само преку викенд и претпладне, бидејќи преку неделата или попладне е пусто и празно, и тогаш е опасно – вели велешанка чија фамилија има семејна гробница надвор од црквата Св. Спас.

Бројни се случаите на  напади врз посетителите на гробиштата.  Нападите се случуваат од група од двајца или тројца напаѓачи, врз постари и немоќни лица. З.Ј. останал без паричник и мобилен телефон, бил натепан а при нападот му било скинато и златното ланче од вратот. А.С. бил физички нападат, украдени клучевите од колата а при обидот да избегаат со неа,  сторителите биле спречени од неговиот син. Т.Н. додека бил на гробот од неговата сопруга, бил соборен на земја, натепан и од панталоните му  е одземен паричник со 4 илјади денари. Б.Н. бил нападнат на гробно место и му биле одземени 7,5 илјади денари.

Овие дела се  расчистени и полицијата ги открила сторителите. Во еден случај веќе има и пресуда Орхан Кантуров ( 19 год) доби условна казна затвор за кражба бидејќи одзел мобилен и 4 илјади денари откако од јакната на велешанец ги извлекол, додека тој го чистел гробот на Св. Спас. О.К. со неговите двајца браќа М.К.( 23 год) и Ѓ.К. (22 год , според полицијата се јавуваат како сторители и во дел на останатите кражби и разбојништва што се случија  од овој дел на Велес. Од полицијата потврдуваат дека на ова место има регистрирано бројни кривични дела, но дека тоа не  отскокнува  споредбено со другите делови на градот.  

Гробиштата околу црквата Св. Спас не се критично место, нападите не се поврзани со место и време, со одредена личност. Но повеќето ги имаме расчистено - велат од СВР Велес. Спротивно на ова свештенството од црквата Св. Спас бара интервенција од надлежните за да се врати мирот кај верниците кои доаѓаат на гробиштата. Тие велат дека има голем број на поплаки.

Црквата е прва на удар, кај нас нападнатите лица веднаш доаѓаат и бараат помош. Тие реагираат, па викаме лекар, потоа полиција.  До  ЈКП Дервен, до градоначалникот, началникот на полиција, имаме поднесено барања за помош. Тие се запознаени со состојбата и очекуваме нешто да се стори – вели отец Горан Панзов старешина на црквата Св. Спас. Бараат  ЈКП Дервен да  воведе чуварска служба а полицијата да има почеста контрола во тој дел на градот, додека на се врати мирот.   А дотогаш ќе се случуваат и материјални штети, како што е случајот со гробниот споменик на семејството Темелкови, кои неодамна кога дошле го нашле скршен.

Крадците работеле и на Божик, кога ја ограбиле црквата „Св. Спас“. Арамиите во текот на ноќта ја скршиле влезната врата и од свеќарницата украле 5.000 денари во метални пари, кои ги оставиле верниците за празникот. Освен парите, крадците однеле и една икона. Според свештенството на црквата, направена е поголема материјална штета со кршењето на вратата отколку што крадците успеале да украдат.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »