речник контакт

Д-р Петре Крстев добитник на наградата „Гемиџии“ (фото)

Одбележан 9 Ноември, Денот на Општината. Врачени и општинските награди. Најстудент е Љубенка Ордева

Петар Печков

Општина Велес со свеченост одржана во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ го одбележа 9 Ноември денот на ослободувањето на Велес и Денот на Општината. Пред присутните гости се обрати градоначалникот на Велес, Марко Колев кој го честита овој ден и  потсети на аманетот оставен од бројни знајни и незнајни јунаци, починати во војната.

„Со посветена и макотрпна работа во Велес може да се живее убаво, тоа го покажавме на дело.  Градот е тука за сите, за најмладите,младите, возрасните, за ранливите за тие со потреба и за оние со визија. Велес живее од нас и за нас“ - порача градоначалникот  Колев.

На свеченоста се доделија признанијата на добитниците на 9 Ноемвриски награди.

Наградата за животно дело Гемиџии 2022 оваа година, ја доби примариус д-р Петре Крстев, специјалист педијатар, заради огромниот придонес во превентивната здравствена заштита на децата од предучилишна возраст, за севкупниот повеќедецениски труд и вложување за најскапоценото- здравјето на децата.

 „Наградите се и обврска да не заборавиме да го работиме за тоа што не вреднуваа.  Конкретно јас да продолжам да го промовирам доењето и имунизацијата, како основни мерки за намалување на заболувањата и смртноста  кај детската популација. Да имаме висок процент на имунизација, да има повеќе доени деца и помала смртност. Апел до младите мајки, вакцинирајте ги своите деца и дојте ги“ - порача д-р Крстев.

Спомен- плакета 9-ти Ноември што се доделува за долгогодишен придонес во развојот на Велес добија примариус д-р Лазар Бабунски за посебен придонес во здравствената заштита и развојот на офталмологијата во Велес и Македонија, Слободан Ников за посебен придонес во истражувачката и публицистичка дејност од областа на историското минато на Велес и Велешко и дипл. инж. Иле Атанасов за посебен придонес во инженерското иноваторство и создавањето на брендот „Green Machines”.

Благодарница добија проф. д-р Златко Василковски, живее и предава на универзитетот во Бостон за меѓународна афирмација на Велес и Македонија во областа издаваштво за космологија и астрономија, Извиднички одред „Димитар Влахов”, Веле за посебен придонес во основачкиот развој на скаутизмот и извидничкото движење во Велес и Македонија, Меѓуопштинско здружение на лица со телесен инвалидитет на Општина Велес „Мобилност”, Велес за посебен придонес за инклузија во заедницата на лицата со телесен инвалидитет, Зоран Николов за посебен придонес во развојот на хуманоста во Велес со формирање и администрирање на  Facebook групата „Дај, не фрлај – Велес”, Ацо Думовски за безброј спроведени хуманитарни акции преку Facebook групата „Дај, не фрлај – Велес”.

Пофалница добија ЕВЕНТИВЕ ДОО за посебен придонес во креативниот развој на културниот и спортскиот живот во Велес, Марија Давчевска за вонредни ангажирања и придонес во унапредувањето на воспитно – образовната дејност на ученици со попреченост, дипл. мед. сестра Олгица Мојсова Пепелашева за професионален придонес во развојот на педијатријата и вонредни ангажирања во областа на хуманоста, ученикот Леон Арсов за афирмација на Велес преку врвни натпреварувачки успеси и истакнат ученички талент, Љубица Малинова за културна афирмација на Велес преку меѓународни натпреварувачки успеси по пијано, Вероника Караколева за меѓународна културна афирмација на Велес преку солистички и концертни настапи на класична музика, Панче Ќурчиев(Пампик) за посебен придонес во развојот на почетоците на културниот и спортскиот живот во Велес.

Наградата за најстудент, која го носи името на Велешкиот и Накедонскиот интелектуален ум, „проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2022   ја доби Љубенка Ордева, студент на Општа медицина, Факултет за медицински науки, Штип, петта година, 50 положени испити, просек 9,82.

Свеченоста заврши со концерт  безвременски хитови, македонски  поп евергрини во изведба на Лидија Кочовска, тенор Влатко Груевски и во пијано придружба на Андреј Наунов, кои изведувачите ги пееја заедно со публиката. Таа на нозе го дочека крајот на нивниот настап. 

Химната на Република Македонија и Општина Велес ја исполни младинскиот хор „Св. Кирил и Методиј“. Наградите за „Гемиџии“ и „Ѓорѓи Шоптрајанов“ се парични. 

 фото Општина Велес

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »