речник контакт

Две години од смртта на Тамара, одговорност нема

Има ли виновници??

Петар Печков

По две години од смртта на малата Тамара  Димовска, нема ништо што ќе осветли како почина  десетгодишното девојче од Велес.  Републичкото обвинителство, кое го презема предметот од велешкото, со изјава ,,работиме  и го истражуваме  случајот,,.  

Повикани се вешти лица за давање до објаснување на наводите од доставените вештачења со цел разјаснување и утврдување на фактите во предметот - велат од ЈО.

Минатата година точно на  овој ден,  обвинителството информираше дека ,,од преземените дејствија произлезе дека како осомничени се јавуваат повеќе лица за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од Кривичниот законик,,. Денес реагираше Хелсиншкиот Комитет за човекови права.

Кривичната пријава беше поднесена на ден 19.02.2015 година и до ден денес, Комитетот нема добиено никаков одговор од ОЈО Скопје, иако се изминати точно 2 годни. Ваквото не постапување од страна на ОЈО Скопје е спротивно на член 275 од Законот за кривичната постапка, со кој се пропишува дека ако јавниот обвинител во рок од 3 месеци од денот на приемот на кривичната пријава не одлучи по пријавата, должен е веднаш да го извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител - реагираа  од ХК.

 Тамара Димовска почина на 9-ти февруари 2015-та година, во 6,15 ч.   Таа боледуваше од  вродено искривување на рбетниот столб. Обдукцијата  утврдила  дека причината за смртта не е сколиоза, туку бронхопневмонија, односно акутно воспаление на респираторните органи, а беше утврдено  и присуство на емфизем во белите дробови. 

 Но работите кои се случуваа пред Тамара да почине ја револтираа јавноста.  Таа никако не можеше да добие потврда за  лекување во странство, иако во Македонија немаше соодветна здравствена институција. Во една од преписките проф., д-р Аспазија Софијанова, како претседател на комисија која решава по барањето,  негативно одговара на семејството Димовски, со образложение  дека не се исцепени сите можности за лекување во Македонија.    

Два дена откако  почина, на 11-ти февруари  по пошта семејството Димовски прими документ од Фондот на здравство со кое се одобрува лекување на нивната  тогаш веќе почината  ќерка Тамара, во странство.   Одлуката дека девојчето, кое имаше вродено искривување на рбетниот столб, може да се лекува во некоја од клиниките во друга држава била донесена на 6-ти февруари.

Министерот за здравство  Никола Тодоров уште на 20-ти ноември 2014-та  најави дека Тамара ќе се лекува во странство и дека средствата се одобрени.

Oставки по смртта на малата Тамара  поднесоа  директорите на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева - Змејкова и Џемали Мехази.  Во два наврати велешани протестираа барајќи одговорност за смртта на  Тамара.  

По смртта на малата Димовска, излезе документ во јавноста со кој Фондот за здравство не дозволил  да се одобруваат вакви случи за лекување во странство, оти се подготвувало да се отвори Центар за  лекување на сколиоза  во Македонија. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »