речник контакт

Дел од велешките пензионери на протест, наместо процентуално бараат линеарно покачување на пензиите

Велат со пензиите што ги добиваат не живеат, туку преживуваат

Петар Печков

Пензионерите од Велес се придружија на нивните колеги од Прилеп и денес тие протестираа, барајќи   линеарно зголемување на пензиите, не процентуално. Во општина Велес има околу девет илјади пензионери, половината се со пензии  до 15 илјади денари.  Велат со пензиите што ги добиваат не живеат, туку  преживуваат.

„Со 13 илјади пензија можеш само да преживуваш, не да живееш. Кога ќе ги платиш комуналиите и сите лекови, оти сите пензионери сме болни, ништо не останува за живот. Кога дома готвиме, шпоретот не знае дали готви министерот или ја, иста цена за струјата плаќаме. Со сто денари на ден, не се живее“ - вели сограѓанка, пензионерка.   

Пензионерите реагираат и за  висината на солидарниот фонд за  отпремнината за погреб, која  со децении не е променета, има иста вредност 30 илјади денари, иако трошоците за погреб, како и се во државата повеќекратно се зголемени.

„Кога тако ми почина пред 22 години добивме 29.990 денари, пред седум месеци сопругот почина добив 30 илјади денари. Досега за пет пати е зголемена сумата која се издвојува од пензијата за оваа намена, за погребни трошоци. Со 12 илјади пензија дење живеам, ноќе умирам“ - кажа друга велешанка.

Пензионерите реагираат дека голем дел од пензијата оди за лекарства, за комуналии и малку останува за живеачка. Укинато им е бесплатното одење на бања. 

Една од присутните велеше дека две години не купила огрев, оти ако купи ќе нема за живот, па зимата ја минела  греејќи се со ќебиња.

„И пензија од 20 илјади е мала. За што попрво да ги издвоиш, за комуналии, лекови, храна.  Со 20 илјади можеме скромно, повторувам скромно да живеам. За функционерите платите се покачија за 78 отсто , немаше проблем,  за нас пензионерите  секогаш нема пари“ - вели друга пензионерка.

Дел од присутните пензионери кажаа дека се стечајни работници, или пензионери од Велеспром Порцеланка, Свилара, Лозар, кои и додека работеле останеле без пари, а сега и со пензијата мизеруваат, наместо да живеат.

Велешките пензионери најавија дека протестот ќе го продолжат и во понеделник. 

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »