речник контакт

Денеска е светски ден на крводарителството

[b]Џемаиле подарила 33 литри крв[/b] Дарував крв за да спасам душа, а од пред две години, поради старост, повеќе не можам да бидам крводарител

Зоран Николов

Дарував крв за да спасам душа, а од пред две години, поради старост, повеќе не можам да бидам крводарител. Но, сега младите се на ред и би сакала моите внуци да станат дарители, раскажува 64-годишната Џемаиле Јакупова од скопската населба Шуто Оризари, додека во дворот на нејзината куќа на улицата Јуриј Розентал го поправа тротинетот на својот внук. Таа ја има најбараната крвна група „нулта позитив“, а досега дарувала крв 112 пати, односно околу 33 литри. - Првпат подарив крв на 16 години во Градска болница. Оттогаш станав редовен крводарител и тоа им го препорачувам на сите. Нема посебна причина за тоа, едноставно, големо задоволство ми е кога знам дека мојата крв спасила нечиј живот - вели Јакупова. Таа од Црвениот крст на Македонија добила неколку благодарници и плакети. Бидејќи има ретка крвна група, се случувало од дома да ја земат и да ја однесат во болница, кога нечиј живот висел на конец, поради недоволни резерви крв. - Никогаш не сум знаела за кого ја давам крвта и кому помагам. Битно е што крвта што ја давам им помага на болните. Здравјето добро ме служи и тоа е една од причините што бев редовен дарител - вели Јакупова. Поради својата хуманост, Џемаиле, како и другите крводарители, не треба да плаќа партиципација за здравствените услуги. Но, привилегијата бесплатно да ги добива лековите од позитивната листа беше укината пред неколку години. Нејзиниот сосед, кој 30 пати ја подарил драгоцената течност, смета дека таа бенефиција итно треба да им се врати на крводарителите. - Тоа ќе значи многу за нас, а ќе биде уште еден поттик и другите да се мотивираат и да даруваат крв - вели Зајадин Мемедов. Законската привилегија да искористи два слободни дена кога ќе подари крв, никогаш не ја искористил Бајрам, сопруг на Џемаиле, кој исто така бил крводарител. - Работев во „Комуналец“ и никогаш не сум ги зел деновите што ми следуваа - вели тој. Јакупови живеат со пензија од 4.500 денари, а заедно со нив живее и петчленото семејство на нивниот син, кое прима социјална помош од 2.000 денари месечно. Извор: [url=dnevnik.com.mk/?ItemID=C6DBAE51F6336F4F9A56D0137280CE4C]Дневник[/url]

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »