Петар Печков
Објавено: недела, 25 мај 2025
Ударнички, колку што можеа со годините, поранешните членови на раководството на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија и Југославија, новинари во младинските весници „Млад борец“ и „Студентски збор“, симболично го одбележаа 25 Мај, некогашниот Ден на младоста, со кој во поранешната федеративна држава се одбележуваше роденденот на претседателот Јосип Броз Тито.
Околу 30-тина учесници, допатуваа во Велес на дружење, евоцираа спомени од пред 40-тина години, и дадоа поддршка во изградбата на зграда на Хабитат Македонија, невладина и непрофитна организација, од САД. На изненадување на пристутните, дојде и Васил Топурковски, најавен веројатно како последниот Македонец, кој имал можност да се гледа, дружи и разговара со Тито.
„Да ме викнат толку луѓе е задоволство и чест. Овде сум за 25 мај, бев дел од таа младинска организација што беше голема на времето и во историјата. Не се срамам од тоа движење, да им честитам сите што дошле денес тука. Тоа е составен дел од животот. Што бев претседател на младинското движење на Југославија ми дало можност да ги запознаам сите овие луѓе, кои се помлади од мене“- кажа легендарниот Циле Тупурковски, денес на 74 годишна возраст.
Тој им откри на присутните дека започнува да пишува книга, токму за некогашната младинска организација.
Гостите беа дел од армијата волонтери, кои во Велес ги градат станбените згради наменети за граѓани не можат да си обезбедат дом. Досега Хабитат волонтерите изградија шест згради а се привршува седмата, која е најголема со 16 стана. Досега околу 1.700 волонтери дале учество во изградбата, повеќето од нив од САД и од 30-тина држави од светот. Од денес меѓу нив се вброија и поранешните младински активсти.
„Доаѓаат странци и волонтираат кои не знаат кому му помагаат, веројатно никогаш нема да ги сретнат, но имаат желба да покажат грижа. Како што некогаш младите што учествуваа во младинските акции, така и овие волонтери помагаат. Со тоа што тие сами си плаќаат сместување, пат, престој, работат една седмица“ – кажа Зоран Костов извршен директор на ХАБИТАТ Македонија.
Во САД Хабитат за Американците е поголема и позначајна хуманитарна организација,отколку Црвениот крст и полумесечина.
Доколку се доделуваше признание за ударник на денот, тоа го заслужи градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој покажа најголемо познавање во градењето, работеше и делеше совети за другите. Но и ги анимираше, забавувааше присутните со досетки од младинските акции и ги потпевнуваше акцијашките песни. Или како што рече „се собравме Титовите омладинци“.
На едно место се собраа и поранешните младински функционери и активисти, Ристо Иванов, Никола Поповски, Сотир Костов, Аце Коцевски, Анѓелка Пеева Лауренчиќ, Слободан Најдовски, Горан Михајловски, Зоран Димитровски...
Иако бил поканет, единствено на дојде поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој се извинил што не може да присуствува поради други обврски.
| Tweet |














