речник контакт

Денот на сестринството и на акушерките, под целосна опременост во борба со ковид-19 (фото)

Светската здравствена организација ја прогласи за 2020-та за година на сестринството а Неделата на сестринството е од 5-ти до 12-ти мај

Петар Печков

Без  доделување признанија и славење, но посилно од било кога, медицинските сестри и техничари го одбележуваат 12 мај, Денот на сестринството, додека акушерките 5-ти мај Светскиот ден на акушерките. Во време кога  овој здравствен персонал е на сериозно искушение, покажувајќи ја својата хуманост, максимално вложувајќи се во услови на пандемија, каква што човештвото не помни од пред еден век,   медицинските сестри и техничари  се на првата линија на борбата со овој невидлив непријател.  2020-та година Светската здравствена организација ја прогласи за  година на сестринството а Неделата на  сестринството   е од 5-ти до 12-ти мај.

Годинава оваа недела ја  одбележуваме во посебни услови, на светска пандемија. Сите ние, медицинските сестри, техничарите, акушерки  сме активно и целосно посветени во борбата со корона вирусот, за заштита на здравјето на населението. Несебично вложуваме голем труд и напор, заборавајќи на семејството   и запоставувајќи ги своите блиски, грижејќи се за здравјето на  болните и јавното здравје. Работејќи во карантин, под целосна заштитна опрема, постојано вклучени  во грижата за  пациентите позитивни на ковид-19. Пети мај е пак денот на акушерките, кои имаат огромна улога во  општеството. Тие се првите кои го гледаат новороденчето а потоа дури  мајката - порача  Ружица Нацева претседател на Општинско здружение на медицински сестра, техничари и акушерки од Велес,  медицинска сестра инструментарка во хируршко одделение  во ЈЗУ Општа Болница Велес. 

Таа  на овој ден  ги поздрави  колегите рендген техничарите, лаборантите, колешките од физикална медицина и рехабилитација, бидејќи  тие сите „активно учествуваат во борбата против корона вирусот“. 

 Многу битен дел од алката на здравството се и медицинските сестри од примарната  заштита.  Благодарност за пожртвуваноста до колешките од Здравен дом, од Итната помош од училишна и предучилишна превентива.  И тие работа во тешки услови со целосна опрема - дополни Нацева. 

Овој ден 12-ти мај е ден кога е родена  Флоренс Најтингел, која се смета за  сестра основоположник на сестринството во светот.

Директорот на ЈЗУ Општа Болница Велес д-р Божидар Бојаџиев со честитка до медицинските сестри и техничари, и акушерки.

„Посветеноста со која работите во овие тешки  времиња на светска пандемија ,  е пример за пожртвуваност, хуманост. Медицинските сестри даваат непроценлива  жртва во името на здравјето на пациентите. И затоа едно големо благодарам“

 Денот им го честиташе директорот на ЈЗУ Здравствен дом Велес Николче Димовски

„Да се заблагодарам за целата досегашна саможртва, посветеност и хуманост. Од нив може многу да се научи - тие треба да служат за пример на сите идни генерации медицински сестри, но и да бидат достојни наследници на нивните претходници“.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »