речник контакт

Десет години потоа, најконтроверзната фотографија 9 септември

Фотографијата на Томас Хепкер снимена на 11 септември 2001 година, во текот на нападите на Кулите близначки предизвика многу полемики и ако по ништо друго поради тоа ќе влезе во аналите.

Петар Печков

Фотографијата прикажува група млади Њујорчани кои разговараат надвор во паркот Бруклин. Зад нив, над прекрасната сина вода, на азурното небо, облак од црн дим се издига над Менхетен. Се се случува во моментот на најстрашниот терористички напад во историјата на САД, во кој настрадаа околу 3.000 луѓе.

И десет години по настанот прикажан на фотографијата, бурата околу оваа снимка не се смирува. Самиот автор одлучи да не ја објави таа 2001 година, но и да не ја објави во книга во која се објавени сите фотографии кои го забележија ужасот од терористичкиот напад, а кои ги направиле фотографи од компанијата за која работи „Магнум фотос“.

Снимката е објавена дури во 2006 година на петгодишнината од нападот и од тогаш предизвикува контроверзни коментари. Критичарот и колумнист од весникот „Њујорк тајмс“ Френк Рич за таа фотографија напиша дека таа покажува колку Американците пропуштиле да извлечат поука од трагедијата на 11 септември, за да се променат и реформираат како нација.

„Младите луѓе прикажани на фотографијата не се бездушни, тие се само Американци“.

Со други зборови, во земја во која сите веруваат во подобро утре, на фотографијата се прикажани млади луѓе кои живеат во тоа подобро утре, наспроти ужасната сцена во позадина која ќе остави вечна лузна. Меѓутоа, ваквото толкување на фотографијата која го изнесе Френк Рич не наиде на разбирање.

Момчето во сенка, од десната страна на фотографијата Волтер Сипсер, тврди дека тој и неговата девојка која се сонча на ѕидот, биле всушност во шок, ужаснати од настаните кои се одвиваат во нивната позадина. Оваа двојка дури се пожалиле дека Хепкер ги фотографирал без нивно знаење и одобрение и тоа така што погрешно ги прикажал нивните чувства и однесување.

Поминаа пет години откако се објави фотографијата и десет години од кога е снимена и сега речиси е бесмислено да се расправа за моралноста на ликовите кои се прикажани, за самиот фотограф или неговата одлука да не ја објавува фотографијата веднаш по трагедијата.

Таа фотографија повторно беше објавена, овој пат во „Обсервер Ревју“, а по повод најавата за одбележување на 10 годишнината на 11 септември. Меѓу стотици фотографии од рушењето кои тој ден ги фотографирале професионалци и аматери, единствено оваа се издвојува како „уметничка“, како ироничен, дистанциран и затоа „артистички“ приказ на настанот.

Оваа фотографија повеќе не наведува да судиме за моралот на тие млади луѓе, таа сега е историска бидејќи прикажува катаклизмички настан од минатото, но и „нешто“ што важи за сите историски моменти – целиот живот не прекинува поради една битка или еден терористички чин. Тоа е пораката која уметниците и писателите ни ја пренесуваат со векови. Историјата не е херојска приказна – порачува таа фотографија.

И денес, десет години подоцна, таа порачува: сеќавањата брзо бледеат, луѓето кои ги гледаме на фотографијата сме ние самите, нашите животи по трагедијата продолжуваат. Тој страшен настан, забележан пред десет години припаѓа на минатото, не на сегашноста.

За да го почувствуваме целиот негов ужас, сега мораме да гледаме документарци. А кога ќе ги изгледаме, ќе ја смениме програмата на нешто повесело, затоа што ни е кристално јасно дека во име на таа трагедија ширум светот се пролеа премногу крв или само затоа што „играњето со далечинското“ е во човечката природа.

Луѓето на фотографијата едноставно се живи и не можат против тоа.

 Текстот е преземен од Гардијан - Лондон

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »