речник контакт

Десет разлики меѓу северниот и јужниот пол

1. Поларни спротивности. 2. Најмногу мраз.

Петар Печков

1. Поларни спротивности. Арктичкиот регион (северниот пол) всушност е смрзнат океан опкружен со копно. Спротивно, Антарктикот е континент - со дрвја, планински венци и езера - опкружен со океан. Сепак, општествено и политички арктичкиот регион вклучува северни територии од Канада, Гренланд (територија на Данска), Русија, Исланд, Норвешка, Шведска, Финска и САД.

2. Најмногу мраз. На северниот пол се наоѓа околу 90% од светскиот мраз, што е приближно еднакво на три четвртини од свежата вода за пиење на Земјата. Толкава количина вода лежи заробена во мразот. Овој факт кај некои луѓе ја поттикнал идејата да одвлечкаат санта од мраз во некоја од пустините. Всушност, принцот Мохамед ал Фејсал од Саудиска Арабија имал план санта мраз тешка 100 милиони тони од Антарктикот да пренесе на Арапскиот Полуостров.

3. Ничија земја. Иако многу истражувачи триумфално поставуваат знаме на Јужниот пол, овој континент останува единственото место на Земјата коешто не му припаѓа на никого. Нема историски податоци за домородни жители и владеењето оди според Антарктичкиот договор со кој е зацртано дека земјата и сите ресурси ќе се употребуваат за мирновременски и научни цели. Ова е вистинска спротивност на повеќето од 4 милиони луѓе коишто живеат во арктичкиот круг.

4. Црно злато. Нациите гладни за енергија се вртат кон Северниот пол бидејќи, според геолошките истражувањата на САД, проценето е дека една четвртина од неискористените резерви на нафта лежи северно од Арктичкиот круг. Постои мислење дека има резерви од нафта во континенталната обвивка на Јужниот пол, но Антарктичкиот договор не дозволува никакви профитабилни искористувања.

5. Пингвини и поларни мечки. Новогодишните картички и рекламите за Кока-кола се виновни за погрешното мислење дека пингвините и поларните мечки живеат во истата студена област. Доколку пингвините од Антарктикот успеат да се сретнат со поларните мечки што живеат на Арктикот, птиците со тетераво чекорење, би биле многу лесен плен за огромните мечки. Но, бидејќи пингвините не треба да се грижат за копнените предатори, нивните крилја се адаптирале и се претвориле во перки коишто им помагаат полесно да маневрираат во водата.

6. Адресата на Дедо Мраз. Секоја Нова година и Божиќ илјадници писма испратени до Дедо Мраз стигнуваат на Северниот пол, поточно - Северен пол, Аљаска. Тоа е мал град со околу 1.778 жители кои својот поштенски број го рекламираат како поштенскиот број на Дедо Мраз. Улиците во овој град имаат имиња како Свети Никола, булевар Снешко, а украсени се со новогодишни украси во текот на целата година.

7. Битката со студенилото. На Антарктикот е толку студено што во многу области од континентот снегот никогаш не се топи. Просечната температура во регионот е околу -49°С, и ова е најстудената климатска зона на светот. На Арктикот, просечната зимска температура е -34°С, но во лето е потопло. Најниската температура измерена на Земјата била -89,6°С и е регистрирана на 21 јули 1983 година во станицата Восток лоцирана во близина на Јужниот геомагнетски пол.

8. Озонската дупка. Антарктикот има озонска дупка со големина на територијата на САД, а и кај Арктикот се забележуваат губитоци во озонската обвивка. Всушност, дупка не постои, „дупката“ е област во која озонот, хемискиот елемент кој ја штити планетата од штетните сончеви зрачења, е многу истрошен. Озонот е помалку истрошен на северната хемисфера бидејќи потоплите арктички температури го ограничуваат формирањето на поларните облаци во стратосферата, а токму овие облаци го уништуваат озонот. Но, во последнава деценија, оваа температура е намалена, а како резултат на тоа се зголемува трошењето на озонот.

9. Пукнатини во мразот. Арктикот, всушност е тенок слој мраз, па затоа е многу чувствителен на променливите климатски услови. Потоплите температури во текот на летните месеци предизвикуваат топење на потенките слоеви и создавање пукнатини. Минатата година, истражувачите пријавиле дека за прв пат, пукнатината во мразот се протегала дури до Северниот пол.

10. Топење. Арктикот има вообичаен циклус на топење, во текот на кој речиси половината од мразот исчезнува за време на летото, а во текот на зимата повторно нараснува до големината на територијата на САД. Сепак, една неодамнешна студија алармира дека обвивката од мраз на Гренланд, дебела 5 километри, забрзано се топи и до крајот на векот би можела да се намали за половина. Други студии откриваат дека за неколку децении, на Арктикот во текот на летото би можело да нема мраз. Подоцна, истражувачите откриле дека и на Антарктикот се намалува количината мраз, а доколку се стопи целиот мраз (никој не очекува ова да се случи во скоро време) тоа би го зголемило нивото на морињата за околу 61 метар.

Извор: А1

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »