Петар Печков
Објавено: четврток, 11 јуни 2026
Патничкиот железнички сообраќај кон Гевгелија но и обратно последните десетина дена се одвива со сериозни проблеми. Има големи задоцнувања но и откажувања на возовите. За ова нема реакција од патници, но затоа велешани кои живеат покрај пругата алармираат дека нешто чудно се случува.
„Денес, четврток утринскиот патнички воз за Гевгелија, наместо во 7 и 30 мина во 10 и 30 часот. Во понеделникот беше срушен рекордот, наместо еден час тој патувал четири часа и 20 минути. Низ центарот на градот мина во 11,35ч. Не знам дали има патници кои патуваат и ги користат овие возови, оти гледам нема реакции за огромните задоцнувања“ – вели велешанец кој живее во центарот на градот, блиску до безбедносните рампи на железничките премини.
Додава дека цел негов живот ги гледа како минуваат возовите, но досега не помни дека доцнеле и по 260 минути.
Но тука не завршуваат проблемите со патничките возови. Истиот период, последните десетина дена во неколку наврати не сообраќал попладневниот патнички воз од Скопје за Гевгелија кој поаѓа во 16,55 ч. Поради тоа немало воз следниот ден во утринските часови од Гевгелија кон Скопје, бидејќи истата гарнитура по пристигнувањето во Гевгелија попладне, наутро се враќа за главниот град.
Ни по три дена од поставените прашање по електронска пошта, до МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт, на што се должат огромните задоцнувања, надлежните не одговорија.
| Tweet |




