речник контакт

Детската градинка се судрува со просторен проблем каде да се згрижат децата, но и со кадар кој треба да се грижи за нив

Во осумте клона на градинката има капацитет од 1.040 деца а моментално има згрижено 1.200. Има и 60 деца на листа на чекање.

Петар Печков

Детската градинка во Велес згрижува деца со капацитет повеќе од лимитираниот, поради големиот интерес на родителите. Но освен просторниот, проблем има и со бројот на вработени кои се грижат за децата.  Во осумте клона на градинката има капацитет од 1.040 деца а моментално има згрижено 1.200.  Има и  60 деца на листа на чекање.  

„Со зголемување на опфатот на децата по групи,  дополнително се згрижени 150 деца.   Со ова се оптоварени и вработените кои се грижат за децата  и капацитетите на групите, секако и децата во групата. Како градинка наоѓаме различни начини како да одговориме на потребите на родителите, долгорочно не може да се оди со стратегија со зголемување на деца во групи. Таквото згрижување  не е во корист ниту на  децата, ниту на вработените“ - вели Маја Велиновска директорка на Детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес.  

Причината за овој проблем е   поради тоа што долги години во Велес,  нема нови капацитети  на градинката. Градоначалникот Марко Колев најави дека следната година, во договор со Министерството за труд и социјална политика, градинка ќе се отвори во просториите на зградата на поранешното ОУ Јордан Хаџи Константинов Џинот.  Решавањето на просторниот проблем засега е со пренамена на простории.

„Како приоритет ни е ставено, таму каде има просторни услови, некои простории да се пренаменат во   занимални, таму да бидат згрижени децата.  Во клон на улица  Тодор Јанев има можност, има три простории кои се користат како спални, тие да се пренаменат во занимални.   Помина комисија од Министерството за труд и социјална политика за да видат дали се исполнуваат условите. Ако добиеме дозвола, ќе имаме три простории по 25 деца, нови 75 места за упис на почетокот од наредната година“ - објаснува Велиновска.  

Освен големиот број на деца кои се згрижени, проблем   е и бројот на кадар, воспитувачки и негувателки, кои се грижат за децата. Изминатите две години си заминале  по основ на пензија 15 вработени а повратно нема согласност за вработување на овие испразнети места.

Најголем интерес за згрижување има во новиот дел од градот, каде има неколку нови згради, таму има млади родители, па разбирливо капацитетот во градинката во Тунелот е преполн. Но  родителите не пребираат, запишуваат каде ќе најдат слободно место, во било кој дел на Велес.  

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »