речник контакт

Децата од Горно Јаболчиште и Чашка учеа глума и фолклор

Шеесетина деца од Чашка и Горно Јаболчиште заеднички ова лето неуморно работеа на учење на уметноста преку проектот ,,Наша сцена,, организиран од граѓанското здружени Центар за граѓански права ,,Мозаик,,

Петар Печков

 Шеесетина деца од Чашка и Горно Јаболчиште  заеднички ова лето неуморно работеа на   учење на уметноста преку проектот ,,Наша сцена,,  организиран од  граѓанското здружени Центар за граѓански права ,,Мозаик,, . Преку него децата македончиња од Чашка и албанчиња од Горно Јабилчиште, велешко  ги учат театарските основи, како и  фолклорните чекори на танцот на двете заедници. Тие се на возраст од 10 до 15 години,  секоја сабота доаѓаат во Велес и заедно минат цел ден, во учење на глумата и ората.

  Морам да ги пофалам децата кои покажуваат голем интерес, сакаат да учат, имаат огромна желба. Тие за кратко време ги совладаа основи за драмското читање, за глумата и покрај проблемите што ги имаат со литературниот јазик. Тие покажуваат и голема почит, што денес кај поголем дел од децата,  како морална вредност се загуби – вели Весна Димитровска, актерка.

Таа неуморно им  помага во совладувањето на потребните техники. Во нејзиниот 15 годишен стаж, на работа со најмладите, овие  деца и се посебно драги бидејќи имаат голем напредок во однос на стартот, кога  за театарот не знаеле ништо. Бидејќи ниту виделе претстава ниту знаат како тоа изгледа. Токму ова беше и повод  ЦГП ,,Мозаик,, да започне со еден вакво проект.

Направивме анкета кај децата од Горно Јаболчиште и Чашка, во двете тамошни училишта Тодор Јанев и Лирија, резултатите беа поразителни. Од стотина деца само три биле на театар. Овој срамен податок ни даде за право да започнеме со работилница каде децата од двете мешани етнички средини, ќе започнат да работат на  уметнички перформанс. Населението од двете села, иако блиску, тие се толку оддалечени од себе, па не ги знаат ниту ората и танците на соседството. Затоа  во проектот го приклучивме и фолклорот – вели Александар Кукулев Сашко од Мозаик, организатор на проектот.

Тој финансиски е поддржан од Швајцарската амбасада. Општина Чашка, освен што може да се пофали со бројните природни убавини и реткости, таа е и меѓунационално различна.

  Ова беше интересна покана, која не можевме да ја одбиеме. Да научиме нешто ново, нешто што досега не сме го виделе. Многу  е интересно и сакам да бидам актер – вели   Серафим Муртезани,  12 годишен ученик од Горно Јаболчиште.

Тој и неговите другари иако доаѓаат од зафрлено рурално село, знаат за Холивуд. Некои од нив имаат желба да направата светска кариера и глумат таму. Не им пречи што до Велес патуваат по три часа, во најголем дел по земјен, нерамен и лош пат. Затоа задоволството е огромно од дружењето, од заедно минатите часови.

Во една пригода кога останале подолго во градот, имале за прв пат можност да видат како изгледа тој ноќе и биле воодушевени од светлечките реклами и богато опремените маркети. Освен со актерство,  децата работат и на вежбање на фолклорните ритми. Со нив е Сашко Атанасов, стручњак за балканските танци.

Ги учам децата на албанските и македонските ора. За овие два месеци евидентен е нивниот напредок. Жално е што децата од Горно Јаболчиште не ги знаат нивните албански танци, бидејќи нема кој да работи со нив. За нив е понапорно бидејќи учат напоредно и македонски ора – вели Атанасов.

За оваа пригода децата од Јаболчиште ги извадија позаборавените народни носии, кои се исклучително богати и убави. Бидејќи никој не ги употребува, носијата долго време била грижливо чувана од нивните баби во домашните ормани. Во средината од септември, децата заеднички ќе покажат како го имаа ова лето, учејќи глума и оро.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »