речник контакт

Димче Бегинов, рокер во крвта

Иако има отсвирено 1,5 илјади свадби, на Бегинот прва љубов му е рок музиката

Петар Печков

Иако дел од велешани Димче Бегинов Бегинот го доживуваат како фолкер, кој настапувал на велешките свадби, тој е рокер. Најголемиот дел од живото го минал свирејќи по локалните рок и поп групи.

Како фолкер имам свирено  на 1,5 илјади  свадби, да не зборувам за другарски. Барањата на  публиката ги исполнував, што таа бараше тоа свиревме.  Иако јас во основа сум рокер. Уште во основно училиште започнав со свирки. Бевме некоја таква музичка генерација, имаше повеќе имиња. Јас срамежливо започнував, не знаев да свирам гитара, помалку пеев. Во тоа време беше  популарна мексиканската музика и настапуваа Тошо шерифот, Пенчо полицаецот, Миле мувата, сите тројца сега покојни. Бев седмо, осмо  одделение па на родендени се свиреше и пееше таа музика, мексиканска. Играта на случајот не` вклопи  во Хемиска  во еден  клас една надарена музичка генерација. Тоа е судбина. Бевме јас, Пепи Стојановски,  Љупчо Босилков  Чаушот, Ѓорѓи Андрашевски – вели Бегинов. 

Поради анимирање на младите, тогаш се формирале разни друштва, музички, театарски, спортски, на  ниво на училишта кои меѓусебно се натпреварувале. Поради тоа бил формиран музички оркестар во Хемиска, каде членувал и Бегинов., а раководител бил Ратко Пајдаков. Под негово водство, оркестарот на Хемиското училиште Борис Кидрич учествувал на републички натпревар во Скопје каде победил. Тоа било 1965/6 година Пееле италијански и југословенски хитови. Охрабрени од овој успех, решиле да формираат група. Така се родила групата Изотопи, во која членувале Бегинов, Пепи Стојанов, Чаушот Босилков и Андрашевски. .

Изотоп е модифициран хемиски елемент.  Така и ние, не бевме врвни музичари ама   свириме. Во тоа време немаше озвучување.   Многу сме благодарни што станавме музичари на Ристо Јанев. Тој не држеше на проби, иако немаше никаква допирна точка со музиката. Подоцна кога ќе му побараме пари, тој не караше и се лутеше. Викаше на нас, материјалисти, материјалисти. А Чаушот ќе му рече, абе лепиње едно да си купиме по концерт, ама не го добивавме. На почетокот  свиревме на  игранки, доле  во работилница. Имаше по 600-700 души. Почнувавме  во 5 попладне  траеше до 8  саатот навечер. Свиревме се што беше актуелно. Се што можеме да украдеме од радио. Текстовите не ни беа точни, изигрававме Енглези, смешки. По некое време  Благој Бандулата кој тоа време свиреше во Германија, му се  јавил на брат му Иле, и побарал двајца свирачи за да настапуваат таму, оти си отишле некој тамошни членови. Германија беше тогаш мека за музичарите. Тогаш од групата на пат за Германија заминаа Трајче Органџија и Љупчо Чаушот.  Останавме јас и Пепи, тој се посвети на школото па и  јас се  повлеков, студирав Хемија. Тоа беше околу 70-та година - вели Бегинот.

Во тоа време како одговор на Изотопи, Гимназија формирала состав под име Елиси. Тоа било конкуренција, но и време кога во градот имало голема нетрпеливост по што и доаѓало до крвави тепачки меѓу   младите од Нова населба и   Црна Џамија, но среќа е што немало жртви. Во еден такво момент се создаваат Елиси за да се анимираат што поголем број на млади преку социјален живот. Членови биле Трајко Машето, Бранко, покојниот Цоло Јосифовски, Стеве кој работел во Социјално. Тие како Елиси биле  условно противник   на Изотопи.  По некое време се појавуваат и Лебеди и Триумфи. По нив се формирала групата  Фаворити, каде фронтмен бил Трајко Леов. Тоа било почетокот на 70-тите.

Татко ми Борис беше пензионер, ама претходно беше директор на театарот и ги знаеше тие што ги управуваа со салите низ Македонија.. Ни организираше концерти по Повардарјето, на исток, Свети Николе, Пробиштип. Коа се растури екипата, се приклучив на Триумфи и со нив бев три години. Екипата беше Миле Мувата,  Крсто, Боре Карбев, Тоше Карбев, Архо Софијанов. Учествуваме на разни гитаријади, концерти. Пампикот  ги организираше. Девојките кои учествуваа за Мис, ги тренираше во  паркот, како да одат, многу беше  совесен и исполнителен. По ова преминав и во Лебеди, Боре Ивановски Лепи ме викна и со нив свирев некое време. Таму беа   Боре, Синавер, Тошо локумот, Љупче, Гече.  Свиревме и во Скопје а едно зимо со нас беше и сегашниот фронтмен на народниот оркестар на МРТ Тодор Трајчевски– се присетува Бегинов.

Дошло време да замине и војска, бил во Горни Милановац а таму со оркестарот свирел со познатиот гитарист Корни група на  Јосип Бочек, со познатиот  музички продуцент  и денес Младен Шкалец.

По завршувањето на војската и по стапувањето во брак, се решава да купи бубњеви, марка ,,Лудвик 946,, бели по боја,  кои ги порачал од Њујорк. Тоа било 1979-та година. Имал исти тапани како и сараевски Индекси. Од 80-тите години се создава и свири со групата Кактус.... Полека преминува во фолк водите...   

 Ратко Пајдаков имаше формирано поп пруга, пандан  на загребачка Четири М, велешката се викаше Четири Р . Таму членуваа Коле Французот, Бојчо Жабев, Иван ми беше асистент на Хемиски факултет, Тие бeа авангардата на велешката поп музика.  Тоа е првата група во градот...

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »