речник контакт

Добитокот на патиштата - опасност за возачите

Од ЈП Македонија пат вината за ваквата состојба ја припишуваат на кражбите на метал и од локалното населени кое чува крави.

Петар Печков

   По автопатот Скопје- Градско  и обратно се случува да шетаат крави. Во колоната возила има денови кога ќе се видат и овие животни. Тоа ја згрозува безбедноста на сообраќајот а на почетокот од годинава во близината на Велес имаше и еден смртен случај. Скопјанка почина, откако нејзиниот сопруг удрил во крава, која била на колозовната лента. Сообраќајката се случи во близината на клучката од Штип. Било темно и возачот не успеал навреме да го види животното, удрил во него, сопругата почина на лице место, но среќа е што двете деца и тој минаа со полесни повреди.  Овој настан предизвика жестоки коментари бидејќи (не)безбедноста на автопатот однесе еден човечки живот. Возачите кои секојдневно патуваат  на релацијата Велес – Скопје и обратно, велат дека често се случува ваквата состојба, крави да шетаат по автопат.

Кравите ги има подеднакво и лето и зимо. Повеќе се на патниот правец Велес – Скопје и тоа кај приклучувањето од Штип и на т.н.  Велешко Брдо, угорнината до Црн Врв и потоа до тунелот кај Катланово. Мислам дека излегуваат од некаде од стариот пат, има некои места каде локалното населени чува крави и од таму се случува да се појават на автопатот –  Никола Димов вели возач  од Велес кој секојдневно  патува до Скопје и назад.

Затоа тие се претпазливи на делницата каде од искуство знаат дека може да им се појави ова животно. Но не само едно, ги имало повеќе, кои се заскитани од стадото.  Тие до автопатот доаѓаат и од дивите премини кои ги создаваат лицата кои имаат куќи покрај автопатот. Така на релацијата од мотелот Македонија до наплатната рампа кај езеро Младост, на автопатот Велес – Скопје  можат да се избројат десетина места каде на автопатот има приклучок од земјен пат, што е нелегално.

Зошто да не се најде начин, овие приоди да се официјализираат. Така брзо и лесно ќе стигнеме до нашите куќи. Нека се постават сообраќајни знаци и нема да има проблеми. И така овие премини функционираат подолго време – вели Милан Стојанов. Тој е еден од бројните велешани кои имаат викендички во земјоделските површини покрај автопатот. За да стигнат до овие објекти тие биле приморани да возат по лош и земјен пат, често каллив и затоа бараат пристап преку автопатот.

дивите вклучувања од локални патишта голема опасност

Од ЈП Македонија пат вината за ваквата состојба ја припишуваат на  два моменти кражбите на метал и од  локалното населени кое  чува крави. Тие пак оставени сами на себе, наоѓаат места каде жичаната ограда е оштетена и така завршуваат на асфалтот.  Од сообраќајните несреќи што се случуваат ЈП Македонија пат плаќа високи обештетувања, велат не по своја вина. Така државата  имаат двојна штета, бидејќи мрежата што се краде мора да се постави одново,а се плаќа и штетата кон сопствениците на автомобилите.

Мрежата ја крадат и препродаваат во откупните центри.  Во друг случај на повеќе места од автопатот, за потребите на месното население, уништена е заштитната мрежа и од локалните земјени патишта се обезбедува пристап до автопатот. Иако ова е најстрого забрането и опасност по сите учесници во сообраќајот, се практикува на многу места. Колку се безобѕирни дел од граѓаните, илустрира примерот кога имавме протест на незадоволни сопственици на имот од Велес, пред општинската зграда.  Тие бараа да им дозволиме да ја отстранат мрежата, за да можеле директно од автопат да одат во нивен имот, иако за тоа имаат други локални патишта. Од такви нелегални приоди влегува стока по автопат, се случуваат сообраќајки, па ние ја плаќаме судската казна бидејќи не сме обезбедиле безбедно возење – велат од ЈП Македонија пат.

Критични биле и приклучувањата од магистралните патишта, од каде  стоката исто така често влегува. Како пример ја посочуваат клучката од Штип, од каде често се случува животните да влезат на автопатот Велес – Скопје. Од ЈП Македонија пат   објаснуваат дека тие вложуваат големи напори да се обезбеди максимална безбедност на автопатот, но учесниците биле со лоши навики. Друг пример што го посочуваат е кражбата на сообраќајните знаци.

Како и   кражбите на металот, така и кај нас се случува да се крадат сообраќајните знаци. Не можеме толку бргу да ги санираме штетите, колку што се краде. Често ги менуваме украдените знаци, но набргу ги снемува . Исто е и со плетената жичана ограда и таа се краде, па дури и електричниот кабел и трафостаниците кои служат за осветлување на автопатот - велат  од  ЈП Македонија пат. 

  Јавноста во Велес ја помни сообраќајката од  пролетта 2008-та, кога дрво падна врз автомобил и усмрти возач, на регионалниот пат Велес – Башино село. Поради ова семејството на починатиот ја тужеше општина Велес, која не обезбедила услови за безбеден сообраќај. Тужбата ја доби а општината мораше да исплати 40 илјади евра  паричен надомест  за семејството на починатиот, поради   претрпената душевна болка за смрт на блиско лице. Судот сметаше дека дрвото јасика кое паднало и ја предизвикало несреќата, требало претходно да биде отстрането бидејќи претставувало опасност по сообраќајот на локалниот пат Велес – Башино село, кој е во надлежност на локалната власт. Поради ова таа беше прогласена за виновна и мораше да плати обешетување.

Од кражбите ЈП Македонија пат има милионска штета. Така лани 2011 година биле украдени еден км плетана метална жичена ограда и сто метри еластична жичена ограда, повеќе стотини метри енергетски кабли кои служат за осветлување на автопатот. До каде стигнува дрскоста на крадците зборува и фактот што  лани биле украдени 6 столбни трафостаници, пет од кај клучката Север за влез во Скопје и една од Кула, во близина на велешкото езеро Младост.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »