речник контакт

Добри дол, а не Крива Круша е геогрaфскиот центар на Македонија

Македонија го доби географскиот центар, средиштето на земјата кој се наоѓа во месноста Длабок Дол, еден и пол километар северно од селото Долно Врановци велешко.

Петар Печков

 По долги и опсежни истражувања, стручњаците по посочија ова место за центарот на Македонија, тоа се географските координати ј: 41 35 59.98 и l: 21 42 17.74, тристотини метри надморска височина. Така од неодамна и нашата земја влезе во листата на држави кои ги имаат официјално  определено своите географки центри. Кај месното население пак дилема каде  е центарот на земјава, ако до неодамна се тврдеше дека е кај селото Крива Круша.

Определувањето на географскиот центар на Македонија е извршено според строга аналитичка метода, а самото решение всушност претставува геометриско тежиште на државната територија. За таа цел е извршено аналитичко дефинирање на државната граница со низа од околу дваесет илјади точки, кои беа определени со нивните правоаголни координати во државната Гаус-Кригерова проекција. Врз основа на координатите на наведените точки и одредени сложени математички модели, добиено е решението  во вид на координати за централната точка на државната територија – вели професор  д-р Златко Србиноски од Градежниот факултет во Скопје, кој го водеше истражувањето за потребите на Државниот завод за геодетски работи, популарниот катастар.

Професорот објаснува дека по традиција се користи терминот ,,географски центар,, иако реално локацијата  се дефинира како геометриски центар тежиште на дадената територија. За определување на центрите на државните територии се користат различни методи, кои дават различни резултати, што можеби е причина за досега користената локација за центар на Македонија, кај селото Крива Круша, да се помести пет километри југоисточно, во реонот на селото Долно Врановци.

Со тогашниот степен на развој на картографските подлоги, геодетската мерна технологија, како и непостоењето на компјутерската техника за обработка на масовните податоци, не било можно прецизно определување на геометриското тежиште на државната територија – вели д-р Србиноски. Малкумината живи луѓе, старци, од сега веќе раселеното село Крива Круша тврдеа дека таму е центарот на Македонија. При посетата на ова село пред пет години, најстариот жител Трајче Здравевски гордо зборуваше тека таму е срцето на земјава.

По осамостојувањето на Македонија, доаѓаа стручњаци, мереа нешто и пресметале дека тука во селото е центарот на земјава. Не обележаа точно каде  е местото, но велеа дека тука се сечат сите  линии од север, исток, запад и југ – објаснуваше тогаш дедо Трајче Здравевски. За професорот Србиновски  добро е овие приказни  да останат и да се негуваат  како дел од фолклорот на месното население, но математички центарот на Македонија е Длабок Дол, кај селото Долно Врановци .     
 

 Општина Чашка ќе прави од местото туристичка атракција

Географскиот центар на Македонија се наоѓа во еколошки најчистиот предел на државата, покрај реката Бабуна, недалеку од Мелничка планина и врвот Вртешка. До него се стигнува по тешко прооден пат.

Од локацијата, општината ќе се обиде да направи туристичка атракција. Додека  да го асфалтираме приодот до местото,  времено ќе го постелеме со тампон за да можат сите посетители да доаѓаат со автомобили, до ова место - вели Горан Пановски, градоначалник на  општина Чашка, каде е местото Длабок Дол.

Центарот  на Европа од 1989 година е лоциран во Литванија кај селото Пурнушкеш, 26 км северно од главниот град Вилнус. Центарот за прв пат се обидел да го најде  уште пред 200 години Наполеон Бонапарта. Во соседството центарот на Србија е селото Драча близу Крагуевац, на Грција е гратчето Кардица, на Бугарија е месноста Узана на Стара Планина.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »