речник контакт

Дрвокрадци од Горно Оризари нападнале шумски полицајци

Имало и пукање и бркање. Полицијата ги идентификувала а го пронашла и автомобилот со кој се превезувале дрвја

Петар Печков

Во текот на вчерашниот ден шумските  полицајци од Велес фатиле на дело  дрвокрадци како во автомобил пренесуваат дрва кои биле нелегално набавени. Настанот се случил околу 13ч. на месноста Пашин мост, каде вообичаено шумска полиција  имаат  контролен пункт а тоа е границата помеѓу општините Велес и Чашка. Но лицата се дале во бегство по што почнала потера.

Шумските полицајци дадоа знак да сопре автомобил марка лада самара, со вишна боја. Но наместо тоа тој додаде гас и возеше директно во патролата. Тие мораа да скокнат да се спасат за да не ги удри. По ова тие како предупредување пукнаа во воздух со цел возилото да сопре, но тоа продолжи. Имав можност да  гледам како шумската полиција тргна по нив а еден од крадците се качи на  кровот од колата и почна да фрла од товарените дрва по џипот на патролата, ја фрли дури и моторната пила и свртеа побегнаа  кон Горно Оризари  - вели возач кој во тие моменти се нашол на местото на настанот.

Од велешката шумска полиција потврдија дека во текот на вчерашниот ден имало инцидент, во кој две лица давале отпор при обидот да бидат легитимирани. Возилото кое го возеле дрвокрадците  било пронајдено во Горно Оризари, но не и лицата кои биле во него, по што била повикана полицијата. Во него се превезувале квалитетни дабови дрвја.  

Од МВР информираа дека  во атарот на селата Војница и Оровец имало акција против дрвокрадци, при што е одземено возило ,,лада самара,,  полно со дабово дрво како и една моторна пила. Подоцна биле  идентификувани  и откриени  две лица С.К. ( 29 год) и А.С ( 40 год) кои го управувале возилото и превезувале нелегално исечените дрвја.

Полицијата најавува дека го расчистува случајот,  по  што ќе се поднесе соодветен поднесок.  Дрвокрадците вообичаено за вакви  кражби на дрва користат автомобилот марка ,,лада,,, нерегистриран, без таблички кои ги купуваат  за 100 евра а тие пари ги враќаат назад неколкукратно  од продажбата на нелегално исечените дрвја.

Со вакви автомобили  тие возат ноќе, за да не  бидат видени а се вистинска опасност по другите учесници во сообраќајот. Без светла, никој не може да ги види по пат. И ако полицијата ги фати, што се 100 евра за нив, добиваат многу повеќе од нелегалната  продажба  на дрвја -   објаснува упатен во овој нелегален бизнис.  

Минатата година во заеднички акции на СВР  Велес и ШП во велешко фатени се 28 сторители, при што се поднесени   7 кривични и 21 прекршочна пријава. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »