речник контакт

Духови, Дуовден, Света тројца

Зошто на овој ден на гробот се оставаат ореови лисја, зошто се раздава, зошто се даваат бардачиња? За ова во продолжение

Петар Печков

Денеска е Духови.
Христијаните го слават овој празник кога педесет денови по Исусовото воскреснување, Светиот дух се симнал над апостолите. Светиот Дух и ја дал почетната сила на црквата. Со надеж во силата на Господ - Светиот Дух, ние ќе разбереме кој е Светиот Дух кога ќе се присетиме на неговото прво доаѓање, неговото симнување над апостолите. Тие од плашливи луѓе станале неплашливи Исусови сведоци, храбри носители на неговото учење

Празник на Светиот дух и на основањето на Христијанската црква
Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден Свети Дух, Света Тројца, Педестница и тн. Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската гора.

Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.

Духовден  се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единсствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните претци.

Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде дванаесет. Околу 9 часот наутро одеднаш се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што всушност го претставуваат Светиот Дух.

По овој настан апостолите започнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие луѓе не се пијани туку се исполнети со Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чуствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3000 луѓе.

Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот - Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.

Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква,  се моли за дожд и родна година.
Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни.

Кога ќе се рече Христос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.

А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. Овој ден затоа што тогаш се затвора рајот мртвите ги мамеле со ореова гранка.

Што се однесува до употребата на ореови гранки на овој ден треба да се напомене дека во народните верувања уште од претхристијански времиња оревот имал привлечна сила за душите на умрените поради што се користи во обредите на овој ден. Ставањето на ореови лисја во алиштата на овој ден има и практична цел, заштита од молци.

На Духовден се раздава „за душа”. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто за „задуша”. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости” за да имаат тие со што да се причестат. Во минатото христијаните на овој ден ги кителе црквите и гробовите, но и куќите со цвеќе и зелени гранки. Со обновувањето на природата во овој период од годината тие симболично гледале и обновување на својата сила што било резултат на примањето на Светиот Дух.

Кај нас до денес е обичај на овој ден  на гробовите да се носат бардачиња. Во некои краишта тие се оставаат на гробовите и во текот на годината кога се оди на гробот се дополнуваат со вода, а во други места се раздаваат најчесто на поблиски роднини и пријатели, се носат дома и од нив се пие вода за душа од умрените и за споменување на нивните имиња. Неделата по Духовден се Петрови поклади, кога започнуваат Петровденските пости.

На овој ден црквата го празнува споменот на „Сите светци“. Овој празник меѓу народот е познат и под името Сисвети. Се празнува за да им се оддаде почит на оние светци чии имиња не се познати како поради нивната бројност така и поради тоа што нивниот култ во одредени краишта не заживеал. Споменот на овие светци се празнува заедно со споменот и на оние светци што имаат и посебни празници, за да се покаже дека сите верувале во еден Исус Христос и за него страдале.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »