речник контакт

Единствениот Велешанец меѓу милионерите!

Пеце Ацев, личност од нашиот Велес кој јавноста најпрво го запозна преку радиото 5фм, за потоа да го следи и на малите екрани во емисиите „Екстра Ексклузив“, „24 Ексклузив“ и неговата прва авторска емисија „Кралеви на успехот“ која оваа седмица го има крајот на првата сезона.

Зоран Николов

Пеце Ацев, личност од нашиот Велес кој јавноста најпрво го запозна преку радиото 5фм, за потоа да го следи и на малите екрани во емисиите „Екстра Ексклузив“, „24 Ексклузив“ и неговата прва авторска емисија „Кралеви на успехот“ која оваа седмица го има крајот на првата сезона. Иако ретко си доаѓа во својот град, сепак Пеце честопати знае да го пофали, но доста често и да го искритикува преку социјалните мрежи градот кој вели дека најмногу го сака. Затоа решивме да видиме каде е и што прави единствениот Велешанец „меѓу“ милионерите.

1. Како напредуваш во кариерата, каде си во моментов?

Кариерата е нешто во кое одамна се одлучив дека сакам да бидам успешен и нешто кое ме исполнува и ме прави среќен секојдневно. Во моментов завршуваме со обврските околу првата сезона на „Кралеви на успехот“, емисија во која со дел од личностите кои се сметани за светска бизнис елита се обидовме да ги инспирираме сите гледачи да се осмелат да ги остварат своите соништа. Веднаш после официјалниот крај на првата сезона започнуваме со преговори за втората која ќе се снима во Турција и Франција, а кој се ќе гостува пред нашите камери ќе оставиме да биде тајна.

2. Зошто повеќе не живееш во Велес?

Ако започнам реално да ги наведувам сите причини ќе треба Толстој да се засрами. Најпрво заради обврските, животното темпо во последната година и половина екстремно ми се промени, сите мои пријатели веќе не живеат во Велес, а кога и да се вратам единствено што слушам, особено од младите е тоа дека сакаат да се иселат од својот град. Искрено, да гледав можност за остварување на мојата кариера во Велес никогаш не би си заминал, но сепак реалноста во која живее мојот град е сосема подруга од она како што јас го замислувам. Сивилото на секојдневието не може да се разубави со паркови и цвеќиња покрај улиците, треба акција која ќе го промени животот, но таа акција треба да е драстична. Ако работите тргнат на подобро тогаш не гледам причина да не се вратам во мојот град.

3. Те влече ли нешто тука?

Во Велес ме враќаат спомените од детството, ме враќаат деновите кога безгрижно како деца си игравме во малиот парк, првите излегувања во тогашното Морисон, BB, потоа лудите ноќи во времето кога Ноктурно беше поим за одлична забава, ме враќа моето семејство, дел од пријателите со кои сакам да се видам. Ме влече некаква чудна носталгија на еден веќе заборавен Велес.

4. Кои ти се најдрагите спомени од Велес?

Дефинитивно моите средношколски денови. Морам да признаам дека секогаш се чувствував како „црна овца“ во тогашното опкружување, но сепак тоа е време кое остави голем белег на мене. Мислам дека баш од фактот што бев „црна овца“ се роди и мојата желба да докажам дека различните се секогаш оние кои успеваат да ги остварат своите сни. Токму затоа што се различни.

5. Спомена дека си се чувствувал како „црна овца“ во твоите средношколски години, како денеска те доживуваат своите сограѓани?

Тоа ќе треба да ги прашате нив, јас сè уште мислам дека сум различен од цел град. Сепак ми се случуваат ситуации кои ме прават среќен заради мојата работа пред сè. Многу често знаат да ми пријдат луѓе кои прв пат ги гледам и да ми кажат „браво дете, ниту партија, ниту чичко стои зад тебе“ или како една ситуација од пред две седмици кога еден мој поранешен соученик од основно во дискотека ми рече „само ти од нашата генерација вредиш“, не го кажувам ова за да се фалам како еве сега јас сум популарен или што да знам, го кажувам со желба да ги мотивирам сите млади, па и повозрасни да се осмелат да сонуваат, да се осмелат да го остварат она што го сакаат, да не потпаѓаат под влијание на тезата „ако не си во партија, не правиш ништо“. Секогаш постојат можности и начини, треба едноставно да веруваат во себе и да се решени да одат со глава во ѕид. Мислам дека ѕидот ќе попушти.

6. Што би сменил кај нас кога би имал моќ?

Хм... мислев дека ова ќе е лесно прашање. Многу работи, сметам дека градот ни е заробеник на идиотизам кој доживува невидена ренесанса благодарение на одредени индивидуи. Навистина ми е жал кога ќе слушнам некој дека заминува од дома да работи на брод затоа што немал членска книшка, уште повеќе ми е жал кога ќе видам дека младите немаат никаква забава во својот град. Имаше времиња кога луѓе од цела Македонија доаѓаа во Велес да излегуваат за викенд. Сега самите си одиме. Никој не доаѓа. Би променил многу во културниот живот на градот, би сакал да се врати сјајот со кој Велес беше прогласен за прв град на културата во Македонија, би вложил во развојот на авангардната уметност, развојот на зелени бизниси, развој на слободната мисла искажана на било каков начин, сакам да видам еден огромен ѕид среде град каде би си ги признале слабостите и би се критикувале отворено за она што не чини, а не се малку работи, би им дозволил на младите да учествуваат во секој сегмент од живеењето и многу други работи. Ако продолжам да наведувам ќе треба за градоначалник да се кандидирам.

7. Што би им порачал на своите сограѓани?

Најпрво да си го исперат својот двор пред да се грижат за дворот на комшијата. Порано имаше еден графит во град кој велеше „Мајки не се смејте, можеби овде се е*е и вашата ќерка“. Пореален опис на велешкиот менталитет, здравје. Сепак ги разбирам луѓето кои во текот на денот немаат никакви обврски па единствена забава за која се грижат е муабетите „рекла-казала“. Би им посакал да се осмелат да ги променат работите, без страв да си го кажуваат своето мислење, да се обидат да бидат подобри луѓе кои ќе си го стават сопствениот интерес пред се, но не секако по цена да го продадат своето достоинство некому, да се трудат во текот на денот да споделуваат што е можно повеќе насмевки и да го сакаат Велес. Сепак ние сме Велес.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »