речник контакт

Единствениот велешки шапкар

Богдан Петров е последниот велешки шапкар, кој им ја покрива главата на велешани и во лето и во зима. Најмногу во работничкиот град, се трошат работнички капи

Петар Печков

 На малата тезга од Градскиот пазар во Нова населба се наоѓа продажниот простор на  Богдан Петров. Тој е единствениот велешки шапкар, човекот кој им ја покрива главата на велешани и во лето и во зима, ја штити од сонцето и од студот. Тој е тука три пати неделно, вторник, петок и недела, кога пазариштето работи. На скромниот простор стотина примероци на различни видови капи, за различна употреба и намена.

Секој човек има сопствен вкус, нема разлика мажи или жени, сите тие знаат да кажат што чини што не, што им се бендисува, каква капа сакаат да носат. Бараат квалитет. Муштеријата секогаш е во право, каква сака таква ќе му направам – вели Богдан кај велешани познат како Боце.  Тој бил шивач на костуми со диплома,  а од пред пет шест години се преориентирал во шеширџија, бидејќи доаѓале луѓе и му барала капи, оти во Велес немало никој да ги шие. Овој занает повеќе години бил замрен, за Петров да го обнови. Град без шапкар, вели не бива.  Најмногу барана е работничката сина капа.

Велес бил и е работнички град. Затоа најмногу се бара работничката капа. Лесна е за носење, универзална, за сите годишни времиња. Ја купуваат работници, луѓето за по дома кога поработуваат, во поле, земја кога работат. На Велес тоа му личи, на работнички град, работничка капа да е нај купувана – објаснува Петров. Тој  шие качкети, шеширчиња, капи за пчелари, не по калап, туку по терк.  Научил да работи од некој колега уште своевремено кога бил во Порцеланка. За бргу време го совладал овој занает, редок во градот. Ако своевремено Велес, како град со висока граѓанска свест и класа и на десетина илјади граѓани, на почетокот од минатиот век имал седум шапкари, денес  на 50 илјади луѓе постои, поточно преживува само еден.

Имав желба и научив, бидејќи капата е потребна, луѓето ја бараат, мора нешто да ја чува главата, во било кое годишно време. Само сега нешто работава застана. Има многу увоз од Кина и не се купуваат и трошат како порано. Постарите повеќе купуваат, помладите купуваат готови. Порано повеќе се трошеа, сега не толку. Капите најмногу се трошат се наесен. Ако пак има избори, тогаш прометот опаѓа, бидејќи партиите делат капчиња и таа година ретко кој купува – вели Богдан. Изработува капи од различни материјали, од се  може да се шијат, само не од најлон.  За изработка на една капа потребно му  еден час. Сограѓаните велат дека овој занает, кој е на изумирање, им  е потребен на велешани.

Има потреба на шапкар во градов. Јас еднаш годишно си купувам по една. Не е  скапа а врши работа. Многумина и не го знаат Богдан. Потребно е државата вакви занаети кои се ретки и на изумирање, да најде начин да ги помага – вели  Јанко Каракачанов, пензионер  градот има потреба од шапкар

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »