речник контакт

Езерото Младост непристапно за туристите

Како да се стигне до езерото Младост, кога истото се гледа од автопатот Гевгелија - Скопје а нема пристап до него

Петар Печков

Така блиску до бројните патници на автопатот Гевгелија – Скопје а толку далеку за посета е велешкото езеро Младост. Сместено од левата страна на автопатот, веднаш после  напуштањето на Велес, тоа ги мами луѓето да стигнат до него, да здивнат и се одморат од напорниот а за некого и долг пат. Но тоа физички не е можно, бидејќи за да дојдат до некои од бројните угостителски објекти сместени покрај езерската вода, нема пристапен пат. Залудни се напорите на минувачите некако  да се снајдат, кога тоа нема да вроди со плод. Езерото ќе го видат од далеку и ќе пројдат.

       

Пријатно изненадување не чекаше кога по патувањето од Грција за дома, наеднаш пред нас се отвори прекрасен поглед од езерото. Сакавме да стигнеме до него и се одмориме, бидејќи кога патуваме низ Македонија, нема голем избор на места за пауза. Но не можевме да стигнеме немаше приоден пат. Откако на платната рампа ни објаснија  успеавме некако низ некои ниви да се пробиеме, здивнавме.  Беше многу пријатно за време на нашиот престој. Имате прерасна можност за заработка но не знаете како да ги привлечете туристите – вели гостин од Ниш, Србија.

Тие, заедно со други снаодливи гости, успеале да минат низ земјен пат кој се одвојува пред наплатната рампа кај Отовица и е познат само за малкумина. Патот некако е оспособен од нужда за пристап до езерото, но никако не може да биде решение. Луѓето кои имаат туристички објекти покрај езерото се расположени да се најде решение за ваквата состојба.

Изготвивме предлог проект за изградба на пристапен пат до езерото Младост. Со него ќе се овозможи  да се асфалтира пат во должина од 300 метри, за што според пресметки се потребни 3 милиони денари. Сите угостители од околината на езерото подготвени сме да учествуваме со наш финансиски дел, во изградбата на приодот – вели еден од сопствениците на угостителските објекти покрај езерото.

Тие велат дека со решавањето на овој проблем, ќе се зголеми атрактивноста на просторот покрај езерото Младост а со тоа ефект ќе има локалната економија и општинскиот Буџет. За илустрација колку бројните патници од автопатот   Гевгелија – Скопје, реагираат на немањето пристапен пат служи и книгата на впечатоци во Хотелот ,,Романтик,, каде пофалните зборови за престојот, амбиентот се мешаат со критиките бидејќи нема приод во правецот од југ.

За тежината на  проблемот како илустрација е податокот што гостите од езерото Младост за да се вклучат на автопатот во правецот кон Скопје мора да возат нови 20 км за да дојдат до истата точка од каде тргнеле. Висинската разлика е  стотина метри, толку е далеку мостот од каде езерото се гледа а патниците не може да се симнат до него. Локалните власти сакаат да го решат прашањето, но засега нема можности.        

Го имаме предвид приодниот земјен пат до езерото, од автопатот кон Скопје во близина на наплатната рампа. Изготвениот проект е тешко остварлив, бидејќи констатиравме дека  диво пробиениот земјен пат мине низ приватно земјиште. Тоа значи дека ќе треба да се преговара со сопственикот за откуп на парцелата, што финансиски го оптоварува – изјави Горан Петров градоначалник на општина Велес. Затоа тие бараат ново решение, кое ќе го отвори езерото Младост кон посетителите и да не биде само слика од патувањето покрај него.

 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »