Петар Печков
Објавено: четврток, 27 март 2014
Споредбено со истиот период од лани, годинава нивото на езерото Младост, покрај Велес е ниско. Тоа е за два метри пониско, што се должи на сушниот период. Згора на тоа двете притоки Рудничка и Отовичка река се пресушени. Затоа разбирлива е грижата што се јавува кај велешани, за езерото- вештачка акумулација кое, ако продолжи вака да се намалува му се заканува по биолошкиот минимум. Неговата основана намена е за наводнување на околните лозови насади но и рекреација на велешани.
Кога во зима и пролет нивото на езерото е така ниско, како ли ќе биде во лето, кога ќе се наводнуваат околните површини со лозја. Од август лани до сега нивото е намалено за две метри. Водата ја користат околните сопственици на лозја а езерото не се полни од притоките, оти тие поради сушата пресушија. Не знам што ќе се случува, но надлежните мораат да размислуваат да го сочуваат нивото на езерото, бидејќи тоа е богато и со риби. Далеку е од минимумот, но треба да се знае кога ќе се реагира - велат велешани кои отворено стравуваат за иднината на езерото Младост во претстојната година.
Тука доаѓаат и спортски риболовци, во него има повеќе различни видови риба крап, сом, шаран, бојник, но и школку и ракови, што зборува за неговиот квалитет. Тоа е омилено место за велешани, но и градовите од соседството за излети, одмор и рекреација. На него се наоѓа и најголемиот брод во земјава, кој е единствен по тоа што е пловечки мотел.
Со него стопанисува ЈВП Лисиче. Од таму најавуваат дека бидејќи нема природен прилив, годинава ќе се обидат да го задржат сегашното ниво, до ниво на биолошки минимум. Во летниот период од него се наводнуваат 250 хектари лозја, сопственост на две познати македонски бизнис имиња.
Во случај на сушни периоди, кога количеството на вода би се намалило до мера при која би било отежнато или оневозможено одржувањето на најниската дозволена кота на површината на акумулацијата и кога не би постоеле реални можности да се задоволат потребите на сите корисници на вода, ќе ги следиме законските прописи. Со него е предвидено при недостиг на вода поради виша сила, привремено да се ограничи или забрани користењето на водата. Таквото ограничување или забрана на користење на водите би траела се додека постојат причините кои го предизвикале недостатокот на вода – велат од ЈВП Лисиче.
Езерото е изградено 1962-та година, има околу 10 милиони кубни метри вода а површинана на езерото е 60 ха. Биолошкиот минимум е на 6 милиони кубни вода, велат некогашните Лозарци кои работеа со него, додека постоеше овој агрокомбинат.
Tweet |