речник контакт

Еколошкиот криминал во Македонија присутен, но колку тој се санкционира

Потребен е мониторинг во правосудниот систем на случаите поврзани за заштитата на животната средина

Петар Печков

Работилница за надградба и освежување на знаењата на судиите и јавните обвинители за еколошката правда во Македонија, се одржа во Велес. Така организаторот  ја прецизира содржината на состанокот, на која познавачи на екологијата  ги пренесоа нивните видувања за состојбите во земјава. 

Граѓаните имаат уставно право на здрава животна средина, но колку тоа се почитува а уште повеќе, колку се санкционираат сторителите е дилема  присутна во јавноста.

„Потребен е мониторинг  во правосудниот систем на случаите поврзани  за заштитата на животната средина. За жал досегашните мониторирања на случаите, укажуваат на состојба која што укажува на заштита на крупниот капитал од страна на судиите. Тоа е поради нискиот капацитет на судовите но и на   јавното обвинителство. Ваквите настани, како овој во Велес, ќе значат многу во унапредување на знаењата“  - кажа Кирил Ристовски од  здружението „Флорозон“ кое  ја организира работилницата, финансирана со средства на  ЕУ.   

Стручните лица велат еколошкиот криминал во Македонија е застапен. Одредени  дела дури имаат форма на организиран криминал, како што е пустошењето на шума, недозволен лов и риболов, мачење на животни.

„Организираните криминални форми се сериозен предизвик, бидејќи се поврзани со други дела, како што се  злоупотреба на службена должност, корупција, фалсификување на документи. Тие се предизвик за истражните органи.  Заради подобрување на состојбата потребно е во рамките на  МВР формирање на посебен еколошки оддел со специјализирани инспектори кои ќе ги работат овие дела. Треба да се истакне и благата казнена политика, односна казните кои се на долниот минимум. Во најголем број тоа се парични казни и условни осуди. Така не се делува превентивно, ниту кон  сторителите, ниту кон останатите граѓани -можни сторители“ - вели Марина Малиш Саздовска проф. д-р по еколошка криминалистика.

Загадувањето од Топилницата велешани го платија со здравјето, иако истото документирано со податоци за надминување на загадувачите материи и во воздухот и во почвата, не беше доволно велешани да добијат правда.  Законодавецот вели, закони има, треба казнените одредби  да се применуваат.

„Оваа Влада сериозно влезе во борбата со екоцидот. Со новите дополнувања и измени на Кривичниот Законик, стана прва во регионот и една од малкуте земји членки на ЕУ, која воведе екоцид. Со него сторителот може да биде казнет до десет години затвор“ - рече  Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик министер за правда.  

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »