речник контакт

Железничкиот мост на реката Црна саниран, железничкиот сообраќај Велес - Гевгелија повторо воспоставен, МЖ Инфраструктура за 52 дена загуби 1,5 милиони евра (фото видео)

Железничкиот сообраќај на пругата Велес- Гевгелија е во прекин од 14 ноември

Петар Печков

Патничкиот воз кој попладнево од 16,55 ч. тргна од Скопје е првиот кој по пауза од 52 дена ќе  стигне до Гевгелија, без при тоа патниците да преседнуваат во автобус  и така да се премости оштетениот мост на реката Црна кај локалитетот Стоби.

Ова откако заврши санацијата на Железничкиот мост, кој беше оштетен на 14 ноември лани. Денес беше извршено тестирање, пробно товарење на мостот, кое се покажа како успешно по што МЖ Инфраструктура одлучи дека преку санираниот мост може да се одвива железнички сообраќај.   

„Се работеше за пропаѓање на вториот столб, што е последица на пуштање на енормна количина на вода, испуштена од ХЕЦ Тиквеш. Извршените испитувања покажаа дека една третина од темелот на мостот е поткопана, дојдено е до ротирање на целиот столб и  мостот  беше спуштен за 24 цм. Ние како железница не можеме да влијаеме на промената на режимот  на реката Црна. Ако некој од блоковите на РЕК Битола не работи се пушта поголема количина вода која резултира со поткопување на дното на реката.  Тоа е идентична ситуација како и пред пет години кога беше оштетен првиот носечки столб“ - кажа Владимир Трајковски координатор за санација на Железничкиот мост.  

Железничкиот сообраќај  на пругата Велес- Гевгелија е во прекин  од 14 ноември. Поради тоа товарниот сообраќај не функционираше и превозот на стоката од Солунското пристаниште кон Средна Европа се превезуваше преку Бугарија. Патничкиот железнички сообраќај  се изведуваше комбинирано,  од Градско до Неготино и обратно патниците се превезуваат со автобус, додека од Скопје до Градско и  од Неготино до Гевгелија со воз.

„Овој коридор 10 е од витално значење на МЖ, тој ја обезбедува нашата работа. Најголемите приходи во компанијата стигаат преку него. Клиентите кои ги користат нашите услуги, се во исчекување на нормализација на товарниот сообраќај. Со затворањето на оваа делница, претрпевме големи штети, кои уште ги пресметуваме“ - рече Тоше Силјановски директор на товарен сообраќај во АД МЖ Транспорт.  

Според претставникот на ЈП МЖ Инфраструктура секојдневно поради не сообраќање на товарните возови, тие губеле по 30 илјади евра или за сите 52 дена вкупно претрпеле загуба од 1,5 милиони евра. Оваа деленица е најкратка железничка врска на Солунското пристаниште со Средна Европа.    

„За да се испита детално оштетувањето на мостот се користеа и нуркачи. Тој  има проблеми уште при неговата изградба, со квалитетот на неговите материјали ,со неговата местоположба која се наоѓа на влив од една во друга река. Ние школски велиме тука, на таква локација не се гради мост, има вртлози, зголемено ниво. И при санацијата на првиот столб и сега нагласуваме дека санацијата е времена за да може да се одвива железничкиот сообраќај. Од МЖ потврдија дека    ќе се започне со проектирање на нов мост, во непосредна близина на постојниот,за да овој проблем трајно се реши “- рече Дарко Наков, професор на Градежен факултет.

Изведувачот „Синтек инженеринг“ од Скопје ги  заврши  градежните работи  пред време, од рокот од 45 дена кој му бил даден а започнаа на 29 ноември.  Оваа фирма ја изведуваше санација и на првиот оштетен столб на истиот мост пред пет години, која се случи есента 2018 година. Тогаш железничкиот сообраќај  беше во прекин 40 дена а штетата беше проценета на 1,2 милиони евра.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »