речник контакт

Жени интелектуалки - Сара Бернар

Славена е како најголема глумица на преминот од 19 во 20 век, а во својата кариера го поминала патот од „малата, грда, глупава девојка“ до „божествената Сара“, како што ја нарекол Оскар Вајлд.

Петар Печков

Била најпозната глумица на своето време, а нејзиното име продолжило да биде синоним за гламур и драма дури и за оние кои никогаш не ги гледале нејзините филмови. Била позната по екстравагантниот, блескав стил, речиси исто колку и по актерскиот талент. Сепак, била многу повеќе од глумица. Била сликарка, скулпторка и писателка, но и деловна жена која го водела сопствениот театар и ги продуцирала претставите во кои глумела. Го скандализирала и развеселувала Париз и светот носејќи пантолони, играјќи улоги на мажи во некои од претставите, како и со бројните љубовни афери од кои некои биле и со жени.

 

Мајка на сите диви

 

Родена е како Хенриета Розин Бернар на 22 октомври 1844 година во Париз, како вонбрачна ќерка на еврејска Холанѓанка и француски католик. Татко и ја испратил на школување во женски манастир, но кариерата и тргнала во друга насока под влијание на љубовникот на нејзината мајка, војводата де Морни, кој ја советувал да продолжи на Конзерваториумот по глума. Патот кон ѕвездите го започнала во театарот „Одеон“, каде што ја забележал во една претстава славниот Виктор Иго кој се вљубил во неа и почнал да пишува позитивни написи за нејзината појава и глума и оттогаш „малата, грда глупава девојка“, како што ја нарекувале, станува „единствена, посебна и божествена“. Токму Виктор Иго, нејзиниот најславен љубовник, во својот интимен дневник за ноќта на втори ноември 1875 година запишал дека била најубава во неговиот живот.

 

Во почетокот на 1870-те патува низ Европа и САД, веќе многу славна, напуштајќи го театарот Одеон. Во Франција го задржува имиџот на „божествената Сара“ која била позната не само по својот специфичен глас и шарм туку и по своите многубројни таленти. Нејзиниот нежен глас во голема мера придонел за магијата со која оваа жена, со црвена кадрава коса и витко тело, заведувала се околу себе. Обожавателите го сакале нејзиното ексцентрично однесување, имала храброст да го води животот како што знае и како што сака. Била прочуена по екстравагантноста и нарекувана „мајка на сите диви“.

 

Најпознати улоги

 

Во 1899 година ќе го преземе Националниот театар во Париз кој ќе го прекрсти во Театар на Сара Бернар, отворајќи го со еден од своите најславни настапи, главната улога во претставата „Тоска“. Меѓу многубројните претстави играла и во „Дамата со камелии“ на Александар Дима, кој за неа ќе запише дека „не може да и се верува на оваа жена бидејќи често измислува благодарение на нејзината бујна фантазија“. Овој театар, Сара ќе го раководи се до сопствената смрт, кога ќе го преземе нејзиниот син, Маурис Бернар, а и по неговата смрт театарот ќе го задржи името Сара Бернар се до германската окупација во Втората светска војна, кога ќе биде прекрстен поради нејзиното еврејско потекло.

 

Многумина ќе ја помнат и како една од првите глумици на немиот филм во кој дебитирала во 1900 година, во двеминутниот филм „Хамлет“. Настапила уште во осум филмови и два биографски.

 

Од љубовната врска со белгискиот благородник Шарл Жозеф Ламорал де Лињ имала едно дете, синот Маурис, кој не само што го носел презимето на мајка си туку и работел како менаџер на театри и уметници, а подоцна ќе менаџира и со нејзината кариера, иако целиот живот зависел од нејзините пари. Благодарение на светската слава на неговата мајка, Маурис ќе се ожени со полската принцеза Марија Јаблоновска.

 

Врски и бракови

 

Не само што ја обожавале мажите, Сара имала и дузина славни блиски пријатели, меѓу кои и Густав Доре, Жорж Клеран, Виктор Иго, Алфонс Муха... Се зборува и дека средбата меѓу Тесла и Бернар била фатална, и двајцата знаеле добро кој се и што значат нивните имиња, но сепак, веројатно, тој бил единствениот маж што ја има одбиено Сара сметајќи ја за пречка во неговата работа. Во 1882 година, во Лондон ќе се омажи за актерот Дамала и бракот ќе трае до неговата смрт, 1889 година. Починал млад на 34-годишна возраст од зависност од морфиум. Пред крајот на бракот Сара била во врска со идниот англиски крал Едвард Седми, додека тој сè уште бил принц од Велс.

 

Во 1905 година при еден настап во омилената претстава „Тоска“ во Бразил, Сара си го повредила коленото, а ногата никогаш нема да ја излечи сосема па 10 години подоцна и била ампутирана поради гангрена. Речиси истовремено, поради проблеми со грлото, речиси и го загубува волшебниот глас. Но, тоа нема да ја спречи да продолжи да настапува, со протеза на ногата, се до својата смрт во 1923 година како последица на откажување на бубрезите.

 

Сара Бернар има своја ѕвезда во Лос Анџелес на улицата на славните.

 

Била позната во целиот свет, а за тоа зборува и следната анегдота: Додека во една пригода патувала со воз низ Соединетите држави, ги нападнало некое индијанско племе. Но, штом поглавицата слушнал дека е во опасност животот на „големата“ Сара, целото племе се повлекло.

 

Обожавањето кое публиката го гаела за Сара било искрено, без резерва, какво што веќе нема да биде видено за никој друг потоа, секогаш во балансирање помеѓу очигледното озборување, љубовта и скандалите. Секогаш успевала да предизвика запрепастување, па така и кога на возраст од 65 години имала љубовник од 25. Најмногу аплаузи добила кога на таа возраст од 65 години во улогата на Јованка Орлеанка, му одговарала на бискупот Кушон: Јас имам деветнаесет години. Никој не се смеел.

 

Снимила седум филмови и сите доживеале голем успех, иако денес би изгледале по малку смешни. Смртта ја стигнала во текот на снимањето на сцена во филм во кој играла гатачка, по сценарио на Саша Гитри. Паднала во несвест, а на 26 март 1923 година и починала. На погребот имало триесет илјади луѓе.

текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »