речник контакт

За Порцеланка, Питиќев доби 4 години затвор

Некогашниот сопственик на велешка Порцеланка Леонардо Питиќев и тогашниот управител Никола Цветковски добија по четири односно три години затвор за злоупотреба на службената должност...

Петар Печков

 Тие се прогласени за виновни по обвинението и добија затворска казна, бидејќи ненаменски ги потрошиле парите во висина од 70,5 милиони денари, кои Владата ги префрлила на Порцеланка но тие биле искористени за подмирување на други обврски а не за прифатените со договорот.

Според  обвинението  дел од  парите кои Владата во висина од  108,2 милиони денари во два наврати ги префрлила на Порцеланка, за подмирување на обврските кон доверителите и работниците, биле префрлени  на сметката на ,,Ексклузива,,. За ова бил потпишан договор за  деловно -техничко соработка помеѓу АД Порцеланка и Екслузива.  Парите што Порцеланка во висина од 70,5  милиони денари ги префрлила на Екслузива, потоа завршиле за исплата на членови на УО, за фирма во Виена блиска на Питиќев  која давала  маркетинг услуги биле платени 1,3 милиони денари,  30 милиони денари биле орочени во Комерцијална Банка,  со трети се враќала   позајмица во висина од 1,5 милиони денари,  за 1,7 милиони денари биле купени возила за Екслузива, за адвокатски услуги кон Игнат Панчевски биле префрлени пари во висина од 18,7 милиони денари, сите овие трансакции  биле потврдени во сведочењето на вештите лица од Бирото за вештачење. 

Обвинителството смета дека освен заостанатите плати на работниците во Порцеланка, Екслузива останатите исплати ги сторила надвор од анекс договорот потпишан со Владата, со кој требало да се исплатат доверителите, но  тие се насочувани кон други лица, во корист на Питиќев и неговата фирма.

Обвинетиот Никола Цветковски, во завршниот збор, во неговата одбрана рече дека се кае за стореното, дека работел чесно, одговорно и искрено. За да го потпише договорот за деловно - техничка соработка се советувал со  правниците и неговиот сегашен бранител Панчевски, кои му посочиле дека нема ништо спорно и незаконски во тој договор. Тој се водел и од мислата дека е потребен рестарт на Порцеланка во интерес на вработените кои чекаат да земат плата.

Дури сега на завршните зборови дознав дека се делени пари на членови на УО, каде припаѓам и јас, но морам да  кажам дека никогаш не сум добил ни денар од нив. Исто така сега прв пат слушам дека парите  што ги префрлавме за маркетинг  услуги на агенција во Виена, таа била во  сопственост на  сопругата од Питиќев. Лично тогашниот министер за финансии Никола Груевски ми пишуваше и бараше да отворам сметка за да може Владата да  ми ги префрли парите за отпочнување на работа а со цел нив да не ги земе лицето Трифун Костовски, како сопственик на Кометал Трејд – изјави Никола Цветковски .

На Леонардо Питиќев му се судеше во отсуство, бидејќи тој не е достапен а од февруари 2008-та нема македонско државјанство, откако тогаш земал отпус и се води како жител на Австрија. Бранителот на Питиќев, адвокат Љубомир Михајловски  сметаше дека парите што Владата ги префрлила на Порцеланка, биле максимално искористени за набавка на репроматеријали и потоа рестарт на фабриката, исплатени се стари долгови и сите побарувања освен онаа на Кометал а вештачењето на стручњаците не е потполно, но не по нивна вина, бидејќи  не била пронајдена целокупната документација. Тие вештачеле само врз основа на тоа што е достапно во судскиот предмет. 

Адвокатите на обвинетите  во завршниот збор со идентична одбрана, дека  парите биле префрлени на сметката на Екслузива бидјеќи сметката на Порцеланка била оптоварена со 6 акцептни налози од страна на Кометал, кои потоа во судски процес во Основен суд во Скопје било потврдено дека се лажни. Поради ова  се барало начин парите кои Владата ги одобрила, да се искористат максимално и тие да не завршат на сметката на Кометал Трејд. За нив е спорно што обвинението се потпира на побарување на фирмата Кометал Трејд во висина од 53 милиони денари, која е згасната  пред шест години, поради што не може веќе да се води  криичната постапка против Леонардо Питќов и Никола Цветковски.

Обвинението за овој случај беше подигнато на 17 номеври 2005-тата година, предметот го работеа двајца судии, со чести одложувања а  адвокатот Игнат Панчевски во два наврати беше казнет со 500 и 700 евра парична казна поради непочитување на судот, додека третата од илјада  евра судијката Габриела Гајдова на последното рочише ја повлече, откако Панчевски објасни  дека не викал на глас, туку имал боја на баритон, која оддавала впечаток дека се кара.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »