Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 јануари 2025
Минатата година археолошкиот локалитет Стоби го посетиле 20 илјади туристи, од нив повеќето биле странци 10.408 а 8.353 домашни а останатите биле студенти и лица со попреченост. Тоа е помалку од 2023 кога имаше 20.556 посетители.
Иако по првите шест месеци од лани бројот на посетители 9.939 навестуваше рекордна година, бидејќи летните месеци е ударниот период за посети, не се повтори ниту 2023 , ниту 2018 кога имаше рекордни 22 илјади гости. Посетителите се судруваат со сериозен проблем, нема кафетерија, сувенирница, каде тие би одмориле.
„Стоби се наоѓа на автопат а во антиката, тоа било клучно што го изградиле на оваа локација, на крстопат север -југ и исток-запад. За жал павиљонот која беше донација од УСАИД го нема веќе. Од лани започнавме со слична понуда. Сакаме да ја наполниме сувенирницата со комерцијални копии, инспирирани од предмети од локалитетот, за туристите да понесат спомен од посетата, не само да дојдат прошетаат и да заминат. Очајно ни е потребен објект на влезот, каде ќе може туристите да здивнат и се освежат “, кажа Силвана Блажевска, директорка на НУ Стоби.
Од минатата година локалитетот започна со продажба на рачно изработени сувенири, во приспособена просторија каде се продаваат и билетите за влез во Стоби.
„Локалитетот Стоби е стратешки многу е важен за културниот туризам во Македонија. За жал тој изминатите години не бил соодветно финансики поддржан, ниту со програмски средства ниту со капитални инвестиции. Посебно внимание ќе обрнеме на влезот од локалитетот, каде на времето имаше сувенирница и кафетерија која се сруши. Таму транзитните туристи ќе може да се одморат, напијат кафе, пијалок, купат сувенири. Тоа ќе биде приоритет на Министерството за култура и туризам за оваа година“ – кажа министерот Зоран Љутков.
Најавениот музеј, или Центарот за посетители, адаптираната стара железничка зграда во Стоби, каде требаше да се изложи пронајденото движно наследство од локалитетот, нема скоро да биде готов. Тој се градеше со средства од меѓугранична соработка со Грција, преку ИПА фондовите на ЕУ. Во него туристите требаше да ги видат пронајдените предмети и артефакти на локалитетот. Зградата е готова, но е не е завршено опремувањето.
„Добиените средства од проектот се далеку од потребните за завршување на музејот. Тој ќе се работи и годинава и следната, со средства кои ќе ги обезбедиме од Министерството за култура. Центарот за посетители ќе ја збогати туристичката презентација на археолошкиот локалитет Стоби, ќе придонесе во зголемувањето на сопствените приходи на установата“- најави министерот Љутков.
Адаптацијата на старата железничка станица во музеј, центар се најавува од 2015 година.
Tweet |