речник контакт

За младиот херој, кој со сопствениот живот, го спаси животот на соученикот

Мухамед Али Јашари тинејџер од Кондово беше брутално убиен во училишниот двор во ГУЦ „Здравко Цветковски“ во Скопје. Не дочека да се радува на матурската вечер.

Петар Печков

„За мене животот продолжува“. Со овие зборови 19-годишниот Мухамед Али Јашари ја заврши писмената задача по македонски јазик. Тоа било на 6 април годинава, а два дена подоцна, тинејџерот од Кондово беше брутално убиен во училишниот двор во ГУЦ „Здравко Цветковски“ во Скопје. Не дочека да се радува на матурската вечер што ја споменува и во писмената задача под наслов „Семејството и пријателите го чинат животот среќен“.

„Јас многу ги сакам своите пријатели, ги почитувам, никогаш не се задевам, ниту се тепам. Моето семејство ми е најважно, тие ме хранат, ме испратија на училиште, се грижат за мене, а тие се среќни зашто никогаш не им носам неволи дома. Но, сега имам една друга желба - матурската вечер да ја поминам со многу забава. Кога се' ќе заврши и ќе се видиме по некое време, да си кажуваме за убавата вечер“.

Тетратката во која бил пишуван составот постојано и' пушта солзи на неговата мајка. Горделиво ни ја покажува и ни чита на глас што напишал нејзиниот Меки. „Не беше одличен ученик. Претежно имаше четворки, ама многу беше искрен и вреден. Кај него немаше глумење. Само чесност и почит“, ја почнува приказната Ферие Јашари.

До куќата Јашари во Кондово не е воопшто тешко да се стигне. Кого и да прашате во селото - сите до еден ќе ви кажат: „Штета голема за тоа дете, од многу добро семејство е“, па дури и ќе се понудат да ве однесат до нивната куќа близу железничката пруга. А во неа е постојано полно со луѓе, познати и непознати, блиски и далечни, кои доаѓаат да искажат сочувство и да прашат дали можат некако да помогнат.

„Јас сум од Сарај, но се омажив во Кондово пред дваесетина години. Меки ми е првата рожба. Името му го дадовме по мојот свекор, бидејќи Мухамет беше првото машко во фамилијата. Двајцата девери имаат само женски деца“, раскажува Ферие на одличен македонски јазик. Таа работи како шивачка во фирмата „Етерна“ во Лисиче.

„Имам педесетина колешки, главно, Македонки, и со сите сум во добри односи. Јас бев така воспитана: не е важно кој е и што е - туку каков е човекот. Така и со мојот сопруг ги воспитуваме нашите деца“, зборува гордата мајка додека не' послужуваат со сок и колачи.

По Мухамет Али, во семејството Јашари се роди уште едно момче - Селим, кој сега има 12 години, а сестричката Афордита наполни 10 години.

„Баш неколку дена пред да се случи несреќата, Дита освои трето место на градскиот училиштен натпревар во трчање на 100 метри. Доби медал и пофалница. Меки беше горд на неа. Отиде на Градскиот стадион да ја гледа како трча и ни вели дома: ’Таа, најмала, успеа да освои медал, а ние двајца браќа - ништо‘“, се присетува Ферие. Зборува горделиво и гласно, но одвреме-навреме емоциите и' го задушуваат грлото.

Раскажува дека нејзиниот Меки било мирно и воспитано момче. Како мал, секогаш се нудел да помогне дома, болестите го заобиколувале. Најмногу сакал да игра фудбал на селското игралиште, но посебни афинитети немал кон ништо.

„Одеше често во спортска обложувалница и постојано беше на интернет како и сите млади“, се вклучува во разговорот таткото Џеваир. Мајката ни оддава тајна дека Меки имал девојка, со која четири години бил во врска.

„Не излегуваше, не пиеше воопшто. Пушеше цигари, ама дома и пред нас никогаш“, продолжуваат родителите. Бил многу чувствителен и праведен, не заборавал роденден на блиски и постојано ги изненадувал со подарок.

Матурската вечер не ја дочека, ниту работното место во фирма во Ѓорче Петров каде што како мајстор за гипс-плочи работел минатото лето. Не стигна ниту да ги проба новите патики со кои мајка му сакала да го изненади.

„Го прашав: ’Сине, дали сакаш костум да ти купиме за матурската‘, а тој ми вели ’мамо, не сум младоженец‘. Побара фармерки, маица и патики. Токму во петокот, дента кога се случи несреќата, сакав да го изненадам со нови патики...“, се јадосува храбрата жена.

Посебно место на приземјето од куќата имаат признанијата што ги заработи Меки со својот херојски потег, спасувајќи го другарот Македонец од двајца разулавени напаѓачи. Храброста ја плати многу скапо - со живот. Но, неговите родители продолжуваат да им зборуваат на Сами и на Афордита: „Не е важно кој си и што си, важно е само да бидеш човек“.

текстот е превземен од Утрински весник

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »