речник контакт

Заборавен и напуштен Планинарскиот дом „Бреза“

Заборавен и напуштен Планинарскиот дом „Бреза“ на падините на истоимената планина се уништува и распаѓа.

Петар Печков

Заборавен и напуштен Планинарскиот дом „Бреза“ на падините на истоимената планина се уништува и распаѓа. Ако до пред некоја година тука доаѓаа планирани не само од Македонија туку и од Балканот, сега во објектот се шири реа од измет на стока. Домот, на само половина час од Велес, кој беше користен за одмор од градската врева, сега е напуштен и руиниран. Неодмнешното невреме го откорнало кровот, по што горниот кат е под ведро небо.



- Од пред три-четири години, откако домот беше оставен од сопствениците тој се уништува. Целиот имот, креветите, кујната, купатилото е разграбано. Сега откако и кровот падна, постои опасност и објектот да се сруши од влага. Тука лето имаше толку гости, што откако се ќе се исполнеше, тие спиеја под шатори по околните ливади. Имаше планинари и од Словенија, Хрватска, Војводина – вели Митат Лимани, кој тука, во околината има легална  сеча за дрва а чува и коњи со кој дрвјата ги транспортира. Тој заедно со уште неколкумина пријатели спие во соседниот дом, сопственост на ЕВН-ЕСМ, кој не е во така лоша состојба, но гости и тука нема.



И покрај температурата во Велес која минуваше над 35-тиот степен, тука е пријатно и свежо. За да оживее домот кој се наоѓа на 1.200 метри надморска височина, обиколен со букова шума и папрат, потребно е да се поправи земјениот пат, кој дождот и водата го уништиле а објектот целосно да се реновира што побрзо.





- Проблемите со Планинарскиот дом „Бреза“ започнаа по конфликтот од 2001. Се до 2004-та имавме преку викенд домар, но во текот на неделата кога, таму немаше никого, од непознати сторители се разграбуваше имотот и опремата. Попусти беа нашите напори да сочуваме тоа што го имаме, кога бевме немоќни да сториме нешто. За грабежите ги информиравме СВР Велес, но не беше пронајден ниту еден разбојник, така што бевме приморани да го напуштиме - изјави Јован Павлов претседател на ПСД „Солунска глава“ во чија сопственост е домот, заедно со тој на Чеплес. ПД Бреза има вода, струја, инфраструктуира, се наоѓа на само 30 минути од Велес.



И покрај лошата слика, тука се чувстува планинскиот воздух, со прекрасен поглед кон велешката котлина, миризбата на планиското цвеќе. Идилична слика нарушена со грдотијата на домот кој е безмалку уништен, но не и надежта дека тој може да заживее.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »