речник контакт

Завршени се градежните работи за санација на велешки театар, каде нема претстави седум месеци

Во тек е постапка за технички преглед, обезбедување на употребна дозвола и упис во јавната книга на недвижности од страна на надлежните органи

Петар Печков

Повеќе од половина година не се одигруваат претстави на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Причина е што во овој период се извршуваат градежни зафати, со кои се санираат констатираните недостатоци, за да се изврши технички прием на објектот.

Објектот примаше публика и се изведуваа претстави, иако шест години немаше технички прим.  Министерството за култура најави дека санацијата  ќе заврши до крајот на ноември лани, овој рок одамна помина,а сцената на театарот и натаму е празна.

„Градежните работи на објектот се завршени. Во тек е постапка за технички преглед, обезбедување на употребна дозвола и упис во јавната книга на недвижности од страна на надлежните органи. По завршувањето на овие процедури објектот ќе биде подготвен за употреба“ – одговорија од Министерството за култура, на поставеното прашање, зошто се пробиени роковите за санација, кои сами си ги дадоа.
Во меѓувреме на објектот од театарот се работеше на завршни изведбени работи и одредени санации на настанати оштетувања во внатрешноста и надворешноста на објектот.

Листата на работите е подолга.  Се  испитуваше  електричната инсталација како и на автоматски дизел агрегат. Се испитуваа и сервисираа инсталациите за дојава на пожар, се испитуваше водоводната мрежа, се монтираа подземни пожарни хидранти, се изведуваа завршни работи на внатрешен водовод.  Освен тоа се вршеа и лимарски работи,  санација на покривни бакарни олуци, гипскартонски и молерофарбарски работи.

Последната претстава на сцената на велешки театар беше изведена на почетокот од месец август, лани во рамките на Фестивалот на античка драма „Стоби“. Есента во два наврати велешките актери гостуваа во Прилеп и Скопје и потоа сцената замре.

Државниот завод за ревизија во 2018-та констатираше дека   велешкиот театар работи иако нема технички прием. Во писмените забелешки објавени тогаш, меѓу другото пишува дека  „За објектот "Театар Велес" во Велес не е извршен технички преглед, извршен е само интерен технички преглед по фази на ден 02.06.2015 година со кој се констатирани повеќе забелешки и недовршени позиции. И покрај тоа, театарот е пуштен е во употреба во јуни 2014 година, а на истиот се уште се извршуваат градежни работи“.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »