речник контакт

Заврши ремонтот на железничката пруга, делница Ногаевци - Неготино, откако 31 км се работеа со прекини 10 години

Но железничкиот коридор 10 уште не е во функција, оти на 14 ноември попушти Железничкиот мост на реката Црна. Таму се во тек работите на санација на средниот столб и санација на главните носачи

Петар Печков

Завршен е ремонтот на железничката пруга, на делницата Ногаевци - Неготино, во должина од 31 км.  Тој е дел од коридорот 10, кој го спојува Солун и тамошното пристаниште со Средна Европа.  Истиот се работеше 10 години, започна ноември 2013 година, но поради проблеми со изведувачот бугарската компанија   „ЦК-13 Холдинг“, имаше паузи во текот на изведбата.

„Конечно заврши ремонтот на дел од железничкиот  коридор 10, во должина од околу 30 км. Интензивно се работи на санација на железничкиот мост на реката Црна. Се надеевме дека до крајот на годината ќе го завршиме и ќе го пуштиме во сообраќај  коридорот 10“ кажа неодамна  Зоран Трифуновски, директор на ЈП МЖ Инфраструктура.

Од ова ЈП  соопштија дека делницата Ногаевци – Неготино е во должина од 31 км. На првите 17 км од  станица Ногаевци до станица Кукуричани ремонтот го извршил изведувачот „ЦК -13 Холд-инг“ од Бугарија, а вториот дел кој се работел од 2019 година, од станица Кукуричани до станица Неготино, ремонтот го извршил изведувачот „Страбак“.

„Со овој ремонт извршена e замена на постоечките дрвени со бетонски прагови,  замена на шините од тип С49 со шини тип УИЦ 60, како и замена на сите свртници во станиците. Постоечкиот толчаник е прочистен и дополнет со нов толчаник, исчистени и обновени се каналите за одводнување и пропустите. Санирани се неколку косини  долж делницата, како и патни премини коишто се модернизирани со користење на гумени елементи. Санирани се и пероните на стојалиштата и станиците на оваа делница“- соопштија од ЈП МЖ Инфраструктура.

Средствата за извршување на ремонтот  во износ од 12 милиони евра се обезбедени  со кредит од ЕБОР.   Проектната брзина на оваа делница е 100 км /час, којашто  е условена од геометриските карактеристики на пругата. Пероните на стојалиштата во Ногаевци, Стоби и Црвени брегови и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак се реконструирани со вградување на армирано-бетонски елементи

Но железничкиот коридор 10 уште не е во функција, оти на 14 ноември попушти Железничкиот мост на реката Црна. Таму се во тек  работите на санација на средниот  столб и санација на главните носачи.

Поради тоа товарниот сообраќај е во прекин а патничкиот се изведува комбинирано,  од Градско до Неготино и обратно патниците се превезуваат со автобус, додека од Скопје до Градско и Неготино - Гевгелија се воз. Се најавува  работите на санацијата, која  ја изведува „Синтек Инженеринг“ од Скопје,  да завршат до крајот на годината.

фотографиите се од почетокот на работите во 2014 година

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »