речник контакт

Заврши санацијата на карпата Цуцка, прв пат вакво нешто се работеше во Македонија (фото)

Регионалниот пат Велес- Градско е слободен за сообраќај

Петар Печков

Откако осум месеци вработените од две големи велешки фирми, Крзнарата и месната индустрија Агриа, мораа да патуваат по автопат и по 15-тина километри повеќе, додека стигнат до работните места, од денес, четврток, нивното утринско и попладневно патешествие до работа е скратено.

Вчера, среда, Државното претпријатие за државни патишта објави дека заврши санација на свлечиштото на карпата Цуцка, на регионалниот пат Велес- Градско, близу вливот на реката Тополка.   Работите ги изведе градежната фирма Стентон Градба.

При работите беа  изведени - изградба на потпорен ѕид и санација на дел од пат близу железничката пруга  кој беше уништен. Поставена е ограда која е така снажна и камион кој е натоварен да удри во неа,  нема да може да слета од патот.  Поставени се мрежи, кои нема да дозволат да се стркалаат камења и да паднат на патот. Асфалтиран е патот во должина од стотина метри, кој беше уништен од градежните работи - изјави   Блажо Петров од Стентон Градба.

Санацијата започна во средината на месец март, рокот на изведба беше осум месеци а се работеше во три фази. Еден месец помалку од најавеното, градежните работи вредни 62 милиони денари завршија. Поради овие активности отежнато се одвиваше и со прекини, железничкиот сообраќај на релација Велес- Гевгелија.

Неодамна во посета  на градилиштето беше и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој кажа дека е решен проблемот кој ја загрозуваше безбедноста на минувачите .  

Ова е прва ваква изведба во земјава, заштита од одронување на карпа со торкетирање, досега не е применувана кај нас. Со тоа е заштитен патот  од повторни одрони и  делот на железничката пруга - рече Бочварски.   

Одронот на  камен од карпата Цуцка се случи на 13 март 2018-та година. Тој го стопираше и железничкиот и патничкиот сообраќај. Железница реагираше бргу и за два дена го отстрани одронот, додека камењата од патот  кои беа проценети дека се тешки 25 тони, се отстранија после 24 дена.

Јавноста во градот реагираше дека долго време се чекаше на санацијата, а надлежните објаснија дека  „многу  време се потрошило на изработката на проектот за санација на карпата, кој бил обемен и стручен“. Реакциите во однос на висината на вредноста на градежните работи, беше прецизирано, дека таа е постигната на тендер.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »