речник контакт

Загадување на воздухот во Велес нема, ама во лето има многу прашина

И покрај тоа што Велес не е повеќе жешка еко – точка, секое дете од претшколска возраст 4 пати годишно се разболува од респираторни заболувања

Петар Печков

Квалитетот на воздухот во градот е  без концентрации на високи вредности  од штетни материи. Ова го покажале резултати кои минатата година ги обработиле стручните служби на Центарот за Јавно здравје од Велес.   Некои параметри  кои покажуваат повисоки вредности, но не и опасни по здравјето, се резултат на  зголемениот сообраќај и греењето. Затоа пак во целата 2015-та година присутна е прашина во воздухот во Велес.  Најчесто ја има во е населбата Речани.  Повисоки вредности на прашина се регистрирани во летните месеци.

Ова се  должи   на извори на загадување како што се сообраќајот, градежна оператива, индустрија, лошо одржување на комунална хигиена и недоволна застапеност на зелени површини во градот – изјави д-р Снежана Петрова од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес,  институција која го  мери квалитетот на воздухот кој го дишат велешани.  

Тие го  мерат сулфурдвоксид - ЅО2  и чад во воздухот,  се испитуваат тешки метали во воздух и се испитува прашината и тешки метали во седиментот.

Велес не е жешка точка, лани  Ѕ02   нема регистрирано  над максимално дозволените  вредности . Чад има само 15 дена над дозволените вредности, што е  многу малку споредбено со претходните години и децении.  Тешките метали се во трагови во однос на граничните вредности препорачани од Светска здравствена организација.  Присутното загадување е пред се од сообраќајот, потоа е сезонско од ложењето и користење на тврди горива во зимски период – изјави д-р Петрова.  

Чадот го имало над вредностите  6 дена во ноември и 9 дена во декември, споредбено со 2014-та кога  немало денови над граничната вредност. Сулфурдвеоксидот и чадот, во Велес се  следат од 1974-та година, од отворањето на Топилницата. Тоа било на две мерни места, амбуланта ,,Нова Населба,, и ,,Биро за вработување,, а од 2002-а има и трето мерно место кај детската  градинка во ,,Тунел,,.

Поради застареност на апаратурата и неможност да биде заменета со нова, од 2015-та година квалитетот на воздухот во Велес се следи само на едно мерно место ,,Нова населба,,.  Кај јавноста дилема зошто податоците на Министерството за животна средина и на Центарот  се различни. 

Нашите податоци можеби не се  совпаѓаат со податоците на мерните станици на Министерот за екологија, затоа што ние работиме со методологија  која што континуирано се спроведува од 1974-та година. Така ЅО2 се следи како 24 часовно испитување а во животна средина е на получасовно испитување – објаснува д-р Петрова.

Лани ниту еден ден не е регистрирана висока вредност на тешки метали -олово, кадмиум, цинк,  во воздухот и во прашината во градот.  

ВО ЈЗУ Центар за Јавно здравје Велес  се следи и  морбидитет  (број на заболени во одредена старосна група за одредено подрачје на живеење) на респираторни заболувања, како  можност да се доведат во корелација со аеро загадувањето. Се анализираат предучилишни деца и деца основци од град  и од село.  

Морбидитетот кај илјада деца од претшколска возраст покажува дека секое дете  од град, во просек 4 пати побарало лекарска помош  за болест од респираторен систем, додека кај село секое дете помалку од два пати во годината побарало лекарска помош.  Најчесто децата од  претшколска возраст заболуваат од акутни горно респираторни болести.  

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »