речник контакт

Заев во Велес - блиску до решение за избирачкиот список

СДСМ го поддржува предлогот Македонија, заедно со дијаспората да бидат една изборна единица.

Петар Печков

Политичките субјекти од земјава, учесници на имплементацијата на договорот од Пржино се многу блиску до решение за ревидирање на избирачкиот список. Ова го изјави лидерот  на СДСМ Зоран Заев кој  со дел од раководството и општинскиот врв на социјалдемократите, беше во посета на Велес.  

Најверојатно ќе се договори целосно нов избирачки список и регистрација на гласачи со биометриски  отисок. Планирана е посета на сите домови на граѓаните  и така да се евидентираат. Оставен е простор од два месеци за лицата кои при посетата не биле дома да можат и тие да бидат опфатени во новиот избирачки список. Тој  ќе биде јавно објавен, за да можат соседите да видат кој тоа живеел  до нив. Тој список треба да биде кредибилен, јавноста да му верува а за следните избори локаните во 2017 ќе биде надграден со тие што наполниле 18 години.   Значајно е да се создаде  избирачки список во кој ќе нема недоверба - изјави Заев.

Додаде дека има напредок и во избирачкото законодавство, приближени биле  ставовите околу надлежности на ДИК, составот, се разговарало за паритетни решенија кои на крајот  треба да гарантираат компетентност и надлежност на ДИК врз  избирачкиот процес, конечност   во одлучувањето и контролата на изборниот просец. За составот имало повеќе  варијанти, последна била по тројца од власта и опозицијата,   и тројца експерти.   Далеку од согласност и многу спротивставени ставови имало околу гласањето на дијаспората.

СДСМ не е против нејзиното гласање, напротив се залага таа да биде мотивирана и да излегува на избори. Не може да се биде парламентарец со 440 гласа кога прагот во земјата е повеќе од 8 илјади  гласови. Затоа  нашето решение е да се има цензус, кој би бил 80 отсто од бројот на гласови за пратеник во Македонија, или да има излезност од 6,5 илјади гласачи и кој ќе добие најмногу гласови, тој да биде пратеник. За власта овој наш предлог е неприфатлив - објасни Заев.

Затоа СДСМ пак  го поддржува предлогот Македонија, заедно со дијаспората да бидат една изборна единица.   Тие овој предлог ќе го стават пред работните групи. 

До нас и јавноста, граѓанскиот сектор,  стигнуваат укажувања од помалите партии  кои  сугерираат да се променат изборните единици. Наместо шест, плус дијаспората да преминеме  на една.  СДСМ  го поддржува  ваквите предлози  за една изборна единица, во името на демократијата,  правата на помалите. Тоа ќе го нотираме во преговорите. СДСМ може да изгуби некое пратеничко  место, но добиваат граѓаните, добиваме граѓански парламент. Даваме поддршка на моделот Македонија да биде една изборна единица. Така ќе се реши и проблемот со гласањето во дијаспората - додаде Зоран Заев.

На прашањето за специјален јавен обвинител, Заев рече дека не е дојдено во фаза кога може да се даде било каков   коментар. СДСМ имале изготвено нивно решение  кое денес среда   ќе го достават до меѓународната  заедница и политичките субјекти од земјава и очекува веќе од петок да се разговара по него.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »