речник контакт

Започна жетвата на оризот во велешко

Родот помал од лани, производителите во дилема се уште не е позната откупната цена

Петар Печков

Вообичаено, првиот викенд од октомври, започна жетвата на оризот во велешко. Изминатиот викенд  механизацијата влезе по полињата во околината на  Чашка, која по Кочани е вториот центар за одгледување на оваа  култура. Овој регион има идеални услови за одгледување на ,,белото злато,, кое се враќа по површините. Оризарите сметаат дека ќе има послаб род од  лани за 10 до 20 отсто, а  стравуваат за откупната цена.

Метеоролозите најавуваат дека  оваа седмица ќе има дожд, ниски температури, па побрзавме да влеземе  и започнеме со жетвата. Очекуваме дека  ќе имаме род  од 5 тони од хектар, што е  помалку отколку минатата година. Имам уште не предаден од лани, бидејќи не бев задоволен од  откупната  цената – рече земјоделец од селото Еловец.  

Тоа заедно со селата Лисиче, Чашка и Голозинци се најголемите производители во овој крај.  Друг оризопроизводител од село Голозинци, очекува подобар род. 

Ќе соберам девет тони од еден хектар. Лани се што имам продадов, исплатени ми се парите и субвенциите, 700 денари од декар.  Годинава  има послаб род отколку лани. Летото, посебно август не се погодија временските услови и тоа придонесе за послаб род – рече  земјоделец од Голозинци.  

На некои површини жнеењето беше рачно со срп, поради тешките услови за работа на механизацијата и полегнатиот ориз.  И додека првите количини ориз се собрани, производителите не ја знаат откупната цена. Тоа создава страв и дилеми, што со родот.

Не знаеме која ќе биде цената. Лани беше околу 20 денари за кг арпа. Тоа е малку,  реално со 25 денари се покријат трошоците а 27 за да имаме корист и ние земјоделците. Колку пари плаќаме само за препарати, за механизација, сите  печалат на нас а ние само преживуваме – објаснува друг земјоделец од овој регион.

Според податоците на Министерствово за земјоделие во велешко годинава  посеана е  површина од 96 хектари, што е рекордно споредбено со претходните години. Од година во година   оризот се враќа по велешките  полиња, по течението на реката Тополка. Таа преку Хидро Системот Лисиче овозможува наводнување на оризовите полиња и во многу им помогна на земјоделците од овој крај,  во одгледувањето на   ,,белото злато,, - оризот во велешко. Пред 30-тина години оризот се огледуваше на 500 хектари сега на многу помалку, но од година во година површините растат.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »