речник контакт

Започна кампањата „Носи кацига, вози безбедно, вози одговорно“

Таа се однесува кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети

Петар Печков

Во склоп на оперативниот план на Министерството за внатрешни работи- „Безбедно лето“, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје се спроведува превентивна кампања насочена пред се кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно, вози одговорно!“.

Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.

 „Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Оваа кампања што ја спроведуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се се помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот. Иако минатата година е најбезбедна во последните 15 години, сепак имаме 11 возачи на мотори кои го изгубиле животот. Доколку ги почитуваме правилата и носиме заштитен шлем оваа бројка значително ќе ја намалиме“-рече Ангеловски.

Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.

„Со летните температури, но и со зголемените цени на горивата , на улиците е забележливо големо присуство на велосипедисти, луѓе кои се движат со мопеди, но од поново време и со електрични тротинети. Мошне е важно оваа категорија на учесници во сообраќајот да внимаваат како се однесуваат во сообраќајот, и во рамките на правилата и прописите да се движат во пропишаните места и со пропишана брзина на движење. Колку автомобилите се опасност за велосипедистите и мопедистите, толку оваа категорија претставува сериозна опасност за пешаците. Значи сите категории во сообраќајот, доколку се движат во пропишаните норми, ќе ја намалат опасноста од евентуални сообраќајни инциденти“ рече Дејан Андоновиќ од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

Заштитната кацига за велосипедистите и лицата кои управуваат електрични тротинети носи безбедност и сигурност.

Лицата кои управуваат електрични тротинети, покрај осветлувањето треба да носат и рефлектирачки елеци доколку се движат во период откако доаѓа вечерта, па се до раните утрински часови. Со почитувањето на правилата и прописите, и со подигната јавна свест, како и со заштитните средства како што се кацигите, значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и намалувањето на инцидентите кај оваа категорија на учесници.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »