речник контакт

Започна наставата за 7,5 илјади ученици во велешко

Помалку ученици и во прво и во прва година средно, отколку лани. Ново училиште во Сливник

Петар Печков

Започна учебната година за седум и пол илјади ученици во основното и средно образование во велешко. На првиот учебен ден  во клупите седнаа околу 580 првачиња. За илустрација лани и преклани бројката беше околу 600. Во  прва година во средно  седнаа само 432 средношколци. За споредба во прва година средно   лани имаше  671 ученик. Или во 2010-та во Велес  тогаш се запишале 740  средношколци. 

Вие драги ученици започнувате да чекорите по еден долг пат по кој ќе Ве водат наставниците и вработените во училиштето. Ние сме тука тоа чекорење кон вистинските вредности да Ви го олесниме, да го направиме што позабавно и поудобно. Слушајте ги родителите и наставниците и учете. Од денес Ваш најголем другар и пријател е книгата. Таа ќе Ви ги отвори сите врати кон иднината и напредокот – им порача  градоначалникот Чадиев на прво одделенците.

Тој ги посети подрачните училишта  во  село Сливник и Превалец и ги промовираше новата зграда со Сливник, која има  три училници заедно со придружните објекти. Учениците од ова населено место ја имаат можноста да учат во модернизирани и добро опремени простории.    Претходно локалната самоуправа  на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи му додели вредносен чек.

Тој е во вредност од  50 илјади денари  кои се наменети за купување на училиштен прибор за 25 деца кои се опфатени во образовниот процес во основните и средните училишта. Овие средства се обезбедени од програмата за социјална заштита.

Според евиденцијата на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи вкупно 53 деца жители на Велес, се без родителска грижа. 25 посетуваат редовна настава во основно и средно образование. Останатите се деца со посебни потреби кои не посетуваат редовно училиште и деца пред училишна возраст. 

И полицијата се  вклучи во едукацијата  на учениците и нивна заштита со почетокот  на наставата.  Полициски службеници од Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Велес,  почнувајќи од   1-ви Септември, ќе бидат поставени превентивно пред  основните училишта во Велес, заради безбедно доаѓање на учениците во училиштата, нивно безбедно движење и преминување на улиците. 

Апелираме до сите учесници во сообраќајот за поголема толерантност кон пешаците -особено кон децата и почитување на поставената сигнализација со цел: давање заеднички придонес за безбедноста во сообраќајот за најмладите. Особено апелираме да се почитуваат правилата за запирање и паркирање на автомобилите непосредно пред влезот на училиштето, бидејќи со тоа се доведува во опасност движењето на другите учесници во сообраќајот- особено на учениците –пешаци – изјавија од СВР Велес.  

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »