речник контакт

Започна реконструкцијата на делницата од Велес до Кадрифаково

Реконструкцијата на овој патен правец, ќе се одвива во три фази а ќе заврши во 2015 година. За последните три години на неа се имаат случено 227 сообраќајки со 13 загубени животи

Петар Печков

Започнаа градежните работи на реконструкција и рехабилитација на државниот пат А3, односно на делницата од Велес до Кадрифаково. Тоа е првата од трите планирани фази на овој патен правец која стартува денеска, во должина од 4,7 километри, од клучката на влезот во  градот  до велешката депонија.

Од клучката Велес до велешката депонија ќе биде прва фаза и ќе чини околу 1,3 милиони евра, а треба да заврши до крајот на градежната сезона, истакна директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Втората фаза од патот Велес-Кадрифаково која се планира да стартува во април 2014 година е во должина од 8,9 километри, а ќе значи целосна реконструкција и проширување на патот со нова трета лента до село Лозово од сегашните 6,4 на 11,1 метри, и ќе чини 6,4 милиони евра. Третата и последна фаза која треба да стартува во мај 2014 година е на релација Лозово-Сарамзалино-Кадрифаково и е во вкупно должина од 10,7 км а ќе чини 7,2 милиони евра.

Оваа делница која е изградена пред повеќе од 50 години претставува основна и сообраќајно најоптеретена врска кон цела источна Македонија. Таа досега имаше недоволна широчина на коловозот, криточни хоризонтални и вертикални кривини, двоводен издеформиран и дотраен коловоз, со брзина на движење од 50 до 70 км/час и повеќе црни точки, рече Георгиевски

Истакна дека во периодот од 2009 до 2012 на неа се имаат случено 227 сообраќајни незгоди во кои 13 лица го загубиле животот, а 206 биле повредени. Со целосно реновирање на овој патен правец наша цел е да се намали ваквиот црн биланс на човечки жртви на оваа делница.

 Сите три фази од патот Велес до Кадрифаково според планирањата на ЈП Државни патишта треба да бидат завршени до ноември 2015 година.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »