речник контакт

Започнаа систематските прегледи за идните првачиња, родени 2015-та

Се почитуваат здравствените протоколи дневно се прегледуваат помеѓу 12 до 15 деца

Петар Печков

Започнаа систематските прегледи за идните првачиња, деца родени 2015-та година. Се одвиваат во просториите на Здравствен дом додека стоматолошките во службата, која е сместена во Хигиенски.

Во наредниот период треба да бидат опфатени 750 деца, кои од есен ќе започнат со образование.  Во овој број се децата освен од Велес, велешко и од соседните општини Градско и Чашка. Од понеделникот 26-ти април започнаа  редовните и задолжителни систематските прегледи за идните првачиња.  

„Со систематскиот преглед секое дете се ревакцинира против ситна сипаница, заушки и рубеола. Неа децата ја имаат добиено на 12 месечна возраст, сега и втората доза, што е услов за упис во прво одделение. Вакцината е со одличен квалитет, холандско производство. Како служба на родителите им стоиме на располагање за сите нејасности околу оваа вакцина. Нема потреба од нервоза и паника кај родителите на овие деца, сите ќе бидат прегледани во предвидениот рок“ - вели д-р Пандели Божиков.

Истовремено се одвиваат и систематските стоматолошки прегледи и залевање на трајните катници на идните првоодделенци. Тоа се случува во стоматолошката амбуланта, која е сместена во зградата на Центарот за јавно здравје.  

„Се извршува стоматолошки преглед и залевање на трајните катници, т.н. шестки. Даваме и совети за правилна хигиена на устата и забите, како и ги едуцираме за правилна исхрана и контролиран внес на шеќери, за да се спречи појавата на кариес  кај младата популација“ - кажа стоматолог д-р Анита Солева.

Се почитуваат здравствените протоколи и во терминот од 7 до 15 ч. на секој половина час се повикува по едно дете. И двата пункта работат со 12 до 15 деца дневно. Затоа оваа обврска ќе трае во наредните месеци до почетокот на наредната учебна година.  

Сите деца се повикуваат со покани, со назначен ден и час кога треба да се јават на преглед. Доколку  не се во можност од било која причина, да дојдат во закажаниот термин, ќе бидат повикани во нов термин, се додека детето не биде прегледано. 

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »