речник контакт

Затвор за надри лекар од Кавадарци

Благоја Ангелевски викан Мајка лекувал пациент а по интервенцијата здравствената состојба се влошила и починал

Петар Печков

Благоја  Ангелевски викан Мајка ( 71 год)   надрилекар од Кавадарци доби три години затвор за  лекување на пациент, кој подоцна починал.  Тој  е обвинет за кривичното дело  тешки дела против здравјето на луѓето  и прогласен за виновен. Според обвинението во октомври и ноември 2011-та го  Ангелевски кој е пензиониран полицаец, го лекувал  Л. Н. (79год)  од  скопско Волково,  при што во два наврати земал  вкупно 500 евра.

Третманите ги изведувал  во подрум адаптиран за лекување,  а во медиумите каде се рекламирал и настапувал потенцирал дека  лекувал тумор, рак на кожа. Починатиот  имал  бемка на десна надлактица,  што било малиген меланом, кој поради третманот  започнал да се шири и  предизвикал  болест, потоа  метастазирал.  Со ова придонел за забрзување на болеста, која подоцна довела до смртни последици.

На 14 јуни 2013  Л.Н. починал.  Надрилекарот Мајка работел со една единствена  пинцета,  за сите пациенти, која ја стерилизирал со алкохол  а раната ја бришел со тоалетна хартија.  Ангелевски ги отфрли  обвинувањата.

Пациентите сами доаѓаа јас не ги викав.  Од око констатирав дали  е рак на кожата,  бидејќи имам големо искуство. Сите ги лечам со иста течност, распознавам што е бемка, што брадавица, што е рак на кожата. Ова што го работам е за пофалба а не да се црвенеам. Не се согласувам дека оти немам соодветно образование не можам да лекувам. Зар само учени можат да помагаат. Јас сум пензиониран полицаец, колку луѓе имам спасено од сообраќајки, тепачки, ама ако не сум доктор, сум спасил животи. Со оваа работа се бавам 47 години имам  искуство.  Зар Северина учела школо за да пее. Денес сите  ја гледаме и сакаме. Не е точно дека ми дале два пати по 250 евра. Никогаш не сум побарал, може ми дале по 250 денари. Ако така ме наградуваа не сите што помогнав, ќе бев најбогатиот човек.  Кај мене дошле голем број доктори на медицина, но и доктори на науки. На сите сум им помогнал.   За мене знаат во Кина, од таму сум имал пациенти, и наместо да ме прогласите за јунак вие сакате да ме  испратите во затвор – велеше во својата одбрана Благоја. 

Сопругата на починатиот В. Н. сведочеше дека обвинетиот го  виделе како се фали дека лекува,  на национална телевизија, како гостин на програма.

Работеше во подрум, околу него имаше зимница, дрва за огрев и една полица прекриена со  бел чаршаф, кога сопругот му кажа што проблем има, со метална пинцета му ја отстрани кората од бемката и ја премачка со темна течност и кажа да не ја мие три дена со вода. Откако немаше промени отидовме по еден месец, рече дека коренот не го отстранил и пак ја отстрани кората, премачка со течноста. По неколку месеци започнаа проблемите на сопругот, започна да крвави. Подоцна кога отидовме на доктор констатира дека ракот метастазирал и по година и пол сопругот почина – изјави сопругата на починатиот.

Тие криеле од нивните деца дека татко им се лекува  на овој начин, оти ќерката била докторка.   Како вешто лице сведочеше и  д-р Горан Павловски.

По интервенцијата на обвинетиот доаѓа до влошување на здравјето на Лазар.  Тој има атипична бемка, која има способност да метастазира. Секоја траума над неа, предизвикува вложување на состојбата, опасна по здравјето. Тој како земјоделски техничар не е компетентен да лекува, да третира заболени. Ова е надрилекарство, не е ниту алтернативна медицина – рече д-р Павловски. 

Бранителот на обвинетиот адвокат  Златко Крстевски најави жалба оти  според доказните материјали  смртта на Л.Н. била сплет на  околности.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »