речник контакт

Зголемен е бројот на велешките рибокрадци

Се поголем е бројот на велешките рибокрадци, покажуваат бројките на фатена недозволена риболовна опрема. Наместо со јадица и трска дел од таканаречените риболовци се служат со недозволени средства.

Петар Печков

Се поголем е бројот на велешките рибокрадци, покажуваат бројките на фатена недозволена риболовна опрема. Наместо со јадица и трска дел од таканаречените риболовци се служат со недозволени средства.
Неодамна беа изгорени три километри мрежа за фаќање на риба, од кои два езерска и еден речна. Вкупно 80-тина мрежи како и струкови, недозволен материјал, е одземен од рибокрадците во последните шест месеци од страна на рибочуварската служба на ЗСР „Бабуна“ и на СВР Велес. На овој неспортски начин рибокрадци во овој ревир ловеле од реките Вардар, Бабуна и Тополка како и од езерото Младост. Споредбено тоа е повеќе отколку во двете минатогодишни акции на уништување, во мај и октомври кога беа изгорени по 50-тина мрежи.

- За жал еден од најстарите занаети на човештвото е рибокрадството. Без него езерото Младост би било рајска градина, да не зборувам за реките Вардар, Бабуна и Тополка, кои како друштво ги покриваме. За година и половина на велешко езеро порибивме 500 кг подмладок и додека ние порибуваме рибокрадците го уништуваат рибниот фонд. Тоа е посебно штетно во овој период на забрана на риболов, кога рибата се мрести – вели Петре Алчев претседател на ЗСР Бабуна.

Како раритет посебно се издвојува еден примерок на мрежа, пронајден минатата година во должина од 500 метри, каков што досега не е регистриран. Но и покрај тоа што е одземена голема количина на недозволен прибор, нема поднесено ниту една кривична или прекршочна пријава до Основниот суд. Ова е така бидејќи не е фатено ниту едно лице на местото на недозволениот риболов.

- Времињата се сменија, сега рибокрадците се опремени со современа опрема, мобилни телефони, двогледи. Тие не демнеат кога излегуваме од дома со колите, ги знаат нашите автомобили и веднаш алармираат. Или кога сме на терен, кога ќе не забележат со двогледот тие го напуштаат теренот, меѓусебно се слушаат со телефони. Така кога ќе најдеме мрежа во блиската околина нема луѓе – објаснуваат двајцата рибочувари вработени во друштвото.

За избегнување на инциденти тие последните година дена работат заедно со припрадниците на СВР Велес. Тоа резултирало со зголемениот број на фатени мрежи. Но до каде оди непочитувањето на законите, како пример тие го посочуваат случајот со еден од сопствениците на спортска риболовна опрема, кој во неговиот дуќан продавал и мрежи а за нив давал и фискална сметка.

Од ЗСР „Бабуна“ очекуваат дека со новиот, неодамна донесен Закон, со кој казните се движат од триста евра и нагоре, ќе се намали бројот на рибокрадците. Зголемениот број на рибокрадци тие го толкуваат со зголемениот број на социјални случаи и невработени во градот, па дел од нив на овој незаконски начин се обидуваат да стигнат до средства за живот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »