речник контакт

Здравството во надолна линија во Македонија

Maкедонија падна за пет места во Европскиот здравствен потрошувачки индекс. Таа не само што има најлоши резултати на смртни случаи на деца туку и има најголем пад меѓу земјите во регионот

Петар Печков

Пркосејќи й на финансиската криза и предупредувањата за можното влијание, европската здравствена заштита продолжува да ги подобрува своите резултати, според Европскиот здравствен потрошувачки индекс (ЕХЦИ) објавен и презентиран пред Европскиот парламент во вторникот (15-ти мај).

„Постепениот продор на здравствената потрошувачка еманципација носи квалитет и успех“, вели шведското приватно претпријатие Здравствен потрошувачки центар (ХЦП) во шестото издание на истражувањето, кое започна во 2005 година.

Овогодинешниот извештај покрива вкупно 34 земји, вклучително и 27 земји-членки на ЕУ, плус седум други европски држави -- Албанија, Хрватска, Исланд, Македонија, Норвешка, Србија и Швајцарија.

ХЦП, кој ги набљудува и споредува системите за здравствена заштита во сите овие земји, и во Хрватска, го состави овогодинешниот Индекс врз основа на комбинацијата од јавни статистички податоци, анкети на пациенти и сопствено, независно истражување.

Истиот ги рангираше испитаните држави по 42 индикатори низ пет клучни области за здравствените потрошувачи: правата и информираноста на пациентите, достапноста на третманите [времето на чекање], медицинскиот исход, обемот и опсегот на услугите и фармацевтските производи. Целокупната оценка на земјата ја одредува нејзината позиција во Индексот.

Како и во претходното истражување објавено во 2009 година, Холандија повторно имаше најдобри резултати во здравствената заштита во Европа, со 872 поени од можни максимални 1.000 поени.

Србија, која не беше вклучена во претходниот извештај, се рангираше на 34-тото место во овогодинешниот Индекс, врз основа на нејзината севкупна оценка од само 451 поен. Четирите други земји од Југоисточна Европа -- Бугарија, Романија, Македонија и Албанија -- исто така се рангираа на дното на листата. Латвија беше единствената небалканска земја вклучена во оваа група.

Најдобри резултати меѓу осумте земји од Југоисточна Европа вклучени во индексот имаше Хрватска. Нејзините 655 поени, скок од 627 во 2009 година, й ја донесоа 17-тата позиција на табелата, пред Кипар и Грција.

Д-р Арне Бјорнберг, оперативен директор на ХЦП, и шеф на тимот на ЕХЦИ, ги наведе високите оценки на Хрватска за медицинскиот исход, исти со Германија, и информираноста за здравствената заштита како главни причини за нејзиниот скок од шест места, од 23-тото место во претходното истражување.

„Најважни се резултатите од лекувањето, што значи исходот, како што го нарекуваме во Индексот, во Хрватска се прилично добри за земја со среден финансиски капацитет“, рече тој за SETimes.

Новите поени за Бугарија од 456, осум повеќе од претходната оценка, не й дозволија да се придвижи нагоре од 33-тата позиција, бидејќи истата сé уште заостанува зад Романија (32-ра), која повторно оствари 489 поени.

Извештајот й дава на Бугарија „слаба оценка“ или „средна оценка“ од 40, од сите 42 поединечни индикатори. Единствени две „добри оценки“ што државата ги доби беа за „организациите на пациенти вклучени во носењето одлуки“ и „ЕПР продорот“.

„Ако сакаме да сме фер, не треба да ја споредуваме Бугарија со богатите земји-членки на ЕУ“, туку со соседните Србија и Романија, рече Бјорнберг во соопштението за локалните медиуми. Но, за него, неуспехот на земјата да ги подобри своите резултати откако пристапи во Унијата пред пет години е загрижувачки.

Но, многу Бугари сметаат дека и покрај очајната ситуација во секторот, повеќето лекари прават сé што можат за да им помогнат на луѓето.

„Јас се двоумам“, рече за SETimes жителката на Софија, Стефка Данчева, сценограф, чиј брат оваа недела имаше абдоминална операција. „Лекарите го прават тоа што мораат, но не ви даваат информации. Не даваат доволно објаснување за тоа како го лекуваат пациентот“.

Само пет од сите 34 држави добија „лоши оценки“ за овој индикатор, што значи повеќе од шест смртни случаи на деца на 1.000 живородени. Но, сите се од регионот на ЈИЕ -- Македонија, Романија, Бугарија, Албанија и Србија.


Македонија не само што има најлоши резултати по овој индикатор, со повеќе од 11 смртни случаи на новороденчиња на 1.000 новородени деца, туку и има најголем пад меѓу земјите во регионот. Истата изгуби 49 поени од своите поени во 2009 година, за да заврши со 527 поени и пет места подолу, на 30-тото место, на табелата оваа година.

Поради своите нови, пониски поени, Албанија (535 поени) и Кипар (627) паднаа за едно место на табелата, на 29-тото и 20-тото, индикатор дека ситуацијата во здравствениот сектор, исто така, се влошила во текот на изминатите три години.

Но, Грција, која е погодена од криза, додаде 17 поени на своите претходни 600, што й овозможи да се качи за две места погоре, на 22-рото место.

 текстот е преземен од Southeast European Times

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »