речник контакт

И мостот кај село Уланци на Вардар, со нарушена стабилност (фото)

За карактерот на оштетувањето на мостот, потребна е стручна оценка од лица од Градежен факултет

Петар Печков

По најавите дека мостот на реката Вардар кај селото Уланци, општина Градско е со нарушена стабилност, го посети Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.  На единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, имало повеќе телефонски  пријави на многу заглавени дрва, гранки и друг материјал на столбовите од мостот, при поројните дождови од пред неколку дена. 

Градоначалникот  на Градско Киро  Нацков го запознал Ангелов со состојбата на мостот, покажувајќи неколку видливо напукнати носечки столбови на почетокот од  мостот.

„Освен за жителите на село Уланци, овој мост е врска и за имотите на населението кое преку реката одгледува земјоделски култури“ - кажа Нацков.

Најголем проблем при надоаѓање на Вардар биле големите дрва и гранки што ги носи водата а се заглавуваат  помеѓу столбовите на мостот, со што се зголемува притисокот врз нив. Најблискиот мост е оддалечен десетици километри и се наоѓа кај село Ногаевци, поради што овој мост кај село Уланци за локалното население е од огромно значење.

„Добро е, како што сторија други локални власти и вие да најдете средства за да може компетентни лица да извршат проценка на состојбата  на мостот“ - рече Ангелов.  

Во моментот на посетата на Ангелов, било  видливо  дека речиси целиот нанесен материјал е отстранет од столбовите на мостот, освен на едно место каде е заглавено големо откорнато дрво со гранки. И двајцата соговорници констатирале дека не се градежни стручњаци за да дадат коментар за состојбата на мостот, и најдобро е тоа да го сторат стручни лица.

Мостот кај село Уланци, преку реката Вардар е изграден во 1973 од Југословенската Народна Армија (ЈНА) на поранешната југословенска држава (СФРЈ) и е важен за локалното население од двете страни на Вардар. Покрај поврзувањето на населби е важен и за поврзување на земјоделските површини, коишто ги обработуваат не само жителите околу мостот туку и жители од целата Општина.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »