речник контакт

И на стеснетиот простор на Градски пазар, се отежнува движењето на купувачите со поставување гајби околу тезгите

Од ЈКП Дервен велат ниту еден закупец нема дозвола а гајбите секогаш ги поставуваат прекупците, не и производителите

Петар Печков

Градскиот пазар иако работи во стеснет простор за продажба, поради реконструкцијата на горниот дел, на дел од тезгите може да се забележи дека има поставени дополнителни гајби околу просторот, со што се отежнува пазарењето на купувачите.

Ваквата состојба беше и во месеците март и април, кога поради големиот број на ковид случаи, Кризниот штаб на Општина Велес донесе одлука со која се забранува поставување на гајби околу тезгите, за да може купувачите да можат непречено и слободно да се движат.   Но и тогаш а и сега,  одлуката не се почитува.

„Корисниот простор на пазарот е намален поради дополнителниот број на тезги, кои се дислоцираа од горниот на долниот дел, поради реконструкцијата на тој дел од пазарот. И во ваква ситуација, купувачите тешко може да се разминат во редиците, поради тоа што има поставено гајби околу некои тезги. И тоа постојано се истите препродавачи, не производители. Зошто не се преземат мерки, за да се создаде ред на пазарот“ - велат велешани, кои реагираат на просторот за пазарење.   

Одговорот на овие дилеми го дадоа од ЈКП Дервен. Велат дека проблемот со поставување на дополнителни гајби околу тезгите од страна на закупците е повеќегодишен.

„Ниту една тезга на градскиот пазар нема добиено одобрение од страна на ЈКП Дервен за поставување на дополнителни гајби околу тезгите. Управниот одбор на ЈКП Дервен никогаш досега нема издадено одобрение за поставување на дополнителни гајби околу тезгите. Продавачи самоволно си поставуваат дополнителни тезги околу постоечките. Вработените од Одделение Пазари секојдневно ги предупредуваат таквите продавачи да не ги поставуваат гајбите околу тезгите затоа што, пред се, пречат на движењето на купувачите, а повеќе пати во годината им даваат и писмени известувања дека не треба да го прават истото, но ваквите писмени известувања имаат ефект само краток период на време, по што тие повторно го узурпираат просторот околу тезгите што ги закупиле.“ - пишува во одговорот од ЈКП Дервен.  

На истата ваква состојба  во март 2017-та кога  граѓаните реагираa, надлежните во името на профитот тоа го  толерираa.  Одговорот на ЈКП Дервен тогаш беше „на секој продавач што ја проширува својата тезга му се наплаќа повисока пазарна такса,односно дополнителна повисока сума од редовната, во износ од 2-5%, кој процент зависи од вредноста на изнесената роба“.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »