речник контакт

И стручните лица и екологистите едногласни, доволно е со урбанизацијата на околината на езеро Младост

Јавноста со став потребно е на рекреативците и излетниците да им се остави слободен зелен простор

Петар Печков

Екологистите и стручните лица се против натамошна урбанизација на околината од велешко езеро Младост, која беше актуализирана изминатиот период. Без исклучок, тие сметаат дека доволно е со градење во оваа зона и потребно е на рекреативците и излетниците да им се остави слободен зелен простор.

„Просторот има свој капацитет, што тој може да издржи. Советите се носители на правото во името на граѓаните да го уредуваат просторот.  Тие можат да променат, сопрат или  усвојат една постапка за донесување на ДУП.  Мора да се направи анкета, студија, што тој простор може да издржи.  Планерите размислувале, кога го донесувале некој ДУП, дали има водоводна мрежа, електрична енергија, каде ќе се спроведува канализација. За да се отуѓи државно земјиште мора да се направи сериозна студија“ -Михаил Зиновски  проф. на Архитектонски факултет.

Но праксата покажува,   дека првиот ДУП за околината на езеро Младост е донесен 2007-та па следен 2008-та, кога немало вода за пиење за тој простор, а почетокот на изградбата на водоводна мрежа е дури во 2012-та откако година дена претходно Велес се задолжи кај Светска банка за негова изградба.

„Шумскиот појас околу езерото, од кого поголем дел изгоре во пожарот пред три години, има за цел заштита од ерозија. Кога се гради акумулација се засадуваат дрвја  и се создава тој  зелен појас. Оти постои опасност од ерозија и земјата да се свлече во водата. Оваа урбанизација не предвидува зелен појас, предвидени се хотели, градби, пристапни патишта, кои ќе влијаат на околината. Секое прекривање на земјиштето со градба е неповратно уништување на земјиштето. Досега доволно е уништена околина на езерото“  - рече Златко Арсов  проф. на Земјоделски факултет .

„Се изгради сателитска населба која е бетон и асфалт. Тоа не е место за шетање. Ако се продолжи со урбанизацијата и градењето ќе нема обичниот граѓанин каде да излезе во природа.  Јас сум таму да се прогласи мораториум на градење, за да оставиме простор каде посетителите да може да се рекреираат“ -Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора

„Велешани но и гостите кои доаѓаат таму, нема да дозволиме да се распродаде тоа малкуте што остана. Посакувам децата пак таму да трчаат и се веселат на животот. Ако треба ќе ја активираме и Зелената коалиција, но езерото не го даваме за бетонизација“ - вели Даниела Јовановиќ од ЕГ Зелена сила.

„ДУП-овите или ГУП-овите не се Библија и затоа истите треба да се во интерес на зачувување на природата, природните ресурси, животната средина и здравјето на луѓето. Заврши времето кога некои велеа: "Бизнисот во прв план". Ни треба Општина и Држава која е во одбрана на зелените политики. Ако гледаме локално ќе го истакнам и поздравам примерот на градоначалникот на Општина Аеродром кој излобира да се промени градежна парцела во парк. Значи кога се сака се може. Натамошна урбанизација и градењето на  околината од езерото Младост нема изговор“ - вели Стеве Дечев од Фондација  „Импакт Нет“ дел од Европските зелени програми

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »