речник контакт

Извршители тропаат на врата за платени сметки

Велешани ја плаќаат неажурноста на поранешна ЕСМ и по осум години добиваат извршни решенија за плаќање на заостанати сметки за струја, иако тие биле навремено подмирени.

Петар Печков

Не мало изненадување изминатата седмица добиле повеќе семејства кога на нивната врата затропал извршител, кој им испорачал решение за плаќање на долг кон ЕВН ЕСМ, со препорака навреме да го платат за да нема други санкции.

Бев зачуден кога човекот на врата ми се претстави  како извршител и  донесе писмено извршно решение дека треба да платам долг во висина од 9,1 илјада денари за девет сметки од периодот септември 2003-та до мај 2004-та година, плус пари за камата. Пријателски ме посоветува да го платам навреме за да не биде истото реализирано  преку блокирање на  моите сметки – вели Атанас Кочов од Велес.

Иако знаел дека нема никаков долг, бидејќи ги плаќал сметките на време, бил изненаден од ново настанатата состојба. Ја пребарал домашната документација и ги пронашол платените сметки за струја, за кои тогашна ЕСМ го   тужела а судот го прифатил барањето и сега по осум години добива решение да ги плати. Тој ги става на увид платените оригинали, за кои се гледа дела се  уредно и   навреме платени, заедно со радиодифузната такса. Случајот на Кочов не е единствен, за истиот период повеќе десетина велешани добиле извршено решение да платат сметка за струја, која уште тогаш ја подмириле.  ОД ЕВН Македонија признаваат дека се можни грешки и објаснуваат дека има изолирани случаи, иако периодот за кои корисниците се тужени е од времето на ЕСМ.

Постојат поединечни случаи во кој е можно граѓаните да платиле а да се води дека уплатата не е реализирана. Затоа е добро веднаш кога ќе почувствуваат дека не е во ред, да се јават во нашите Кориснички Центри и да укажат на ваквата состојба. Во овие случаи долгот  е за  плаќањето на  судски трошоци – велат од ЕВН Македонија. Но и на оваа забелешка дека треба да се плати дел од решението, корисниците се револтирани.

Зошто да платам кога ништо не сум згрешил. Навреме сум уплатил а за тоа што некој друг не го регистрирал тоа, не е мој проблем. Не мислам да плаќам за неажурностите на другите, било да е банката, поштата, ЕСМ или судот – вели Кочов. Тој но и останатите тужени корисници велат дека среќна околност е што ги чувале сметките, како инаку сега ќе докажеле дека платиле ако ги фрлиле, како што повеќето до корисниците го прават тоа.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »