речник контакт

Изумре занаетчиската улица во Велес

Од двесетината дуќани, работат само пет. Најмногу работа имаат двата оператори за погреб

Петар Печков

           Занаетчиската улица во Велес е празна, од дваесетина дуќани работата само пет. Петнаесетина  се празни и собираат пајажина, без корисници и купувачи.  Најмногу работа од постојните имаат двата оператори за погреб, кои тука нашле простор за понуда на нивните услуги, повеќето се иселиле а нема интерес за нови.

  Ова најдобро ја илустрира состојбата со занаетите и услужните дејности во Велес, градот кој своевремено бил познат токму по нив. Улицата 8 -ми септември, над која е Градскиот саат, на потегот од Мало мовче од Стариот мост е празна, пуста, нема купувачи, нема продавачи.

Оваа улица е мртва, има дуќани, нема интерес за нивно изнајмување. Така е последните две – три години.  Само биењето на саатот го нарушува мирот. Корисниците си заминуваат, нови не доаѓаат. Се обидуваат да отворат и колонијал, но ниту тоа не проаѓа, така што останавме уште ние неколкумина. Работат тие што се строго наменски,  нема такви кои се за секојдневно користење – вели една од сопствениците на опрема за погреб. 

Освен нив има една механичарска работилница за автомобили, еден терзија, оптичар и продавница за леб. Тоа е се. На вратите останеле имињата на претходните корисници стаклар, бербер, кондураџија, салон за венчаници, бутик за кошули,цвеќара. Денес од нив ги има само рекламите на вратите и работното време, кое е прекриено со дебела прашина.

Тука е и  огласот од  некогашното  ЈП за стопанисување со деловен простор со кое ги нудат  на изнајмување за потенцијалните корисници.  Поранешни корисници, кои си заминаа велат дека наемнината била висока, поради што не можеле да продолжат да работат, други пак велат цените се поволни, но муштерии нема.

Во овој дел на Велес нема работа. Наспроти тука, во овој стар дел на градот, каде што порано била чаршијата и еснафот, сега  работата се пресели во Нова населба.  Иако таму цените се астрономски,  простор нема. Почнаа и гаражите покрај главната улица да ги преадаптираат поради големиот интерес - вели Милан Стојанов приватник кој сега бара простор за работа во новиот дел на Велес.

Огласот кој по повеќе од половина година се очекува АД за стопанисување со деловен простор да го распише, ќе даде одговор има ли интерес за овој занаетчиски дел на градот и ќе оживее ли оваа улица. Во градот на старите традиционални  занаети сега на цена се  сендвичарите, пекарите, компјутерските  и мобилни салони. Тие се најдоходовни и лани не се случи нивно затворање, напротив експанзија. За разлика од нив на прсти се бројат одредени занимања кои можат да бидат доходовни, но ги нема. Времето ги згазило, заедно со нивната  улица.

 Улицата 8-ми септември била традиционално занаетчиска и тука имало многу дуќани низ времето. Велешани се сеќаваат дека тука е отворена првата бакалница, сегашен маркет, сопственост на ,,Мајсторчињата,, во 1912 година. Тука велешани ги виделе првите топки, се продавале грамофони.

Татко ми и чичковците се занимаваа со прецизна механика, поправаа машини за шиење, машини за пишување, беа пушкари, поправаа автомобили. Тука беше отворен и првиот колонијал во Велес, се продаваше се, од игла, до машините кои ги одржуваа. Најмногу возбудување предизвикуваа топките кои прв пат се појавија во градот , децата немаа видено и доаѓаа да им купат- се сеќава Илија. Нивната куќа и продавниците се на истото место, но  тие  денес се затворени со железни капиџици и се само убав спомен на едно далечно минато време.

Во Велес најмногу се тргувало со кожа и градот во 18-тиот и 19-тиот век бил познат по  сафтијанот, козја кожа. Четвртина од населението  изработувало 400 илјади вакви кожи.  Најпозната велешка фамилија која се бавеле со обработка на кожа била Зарезенкови, познати ќурчии. Позната е  гранчарската работилница на Лефкови и фабриката на шарлаган на Органџиеви.  Тогаш се произведувало и тргувало и со жито, ракија, вино, афион, памук. Од занаетите работеле самарџии, ковачи, бербери, пекари, кројачи, варџии.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »